Победнички говор на Ердоган: Денес победи Туркије и нашата демократија / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во обраќањето на нацијата по изборната победа, порача дека денес никој не загубил, победила Туркије, турската демократија и сите 85 милиони турски граѓани.

Ердоган победи во вториот круг од претседателските избори одржани во Туркије. Актуелниот претседател Ердоган победи со 52,14 отсто освоени гласови, додека неговиот противкандидат Кемал Киличдароглу освои 47,86 отсто од гласовите.

Обраќајќи им се на десетици илјади граѓани собрани пред претседателската палата во Анкара, Ердоган рече дека „денес победија Туркије и турската демократија“.

„Денес никој не загуби, победија сите 85 милиони наши граѓани. Сега е време да се обединиме околу нашите национални цели и национални соништа“, рече Ердоган и додаде:

„Како и секогаш, ние ја почитуваме волјата на нашиот народ. Ние не сме единствените победници. Победник е Туркије, победник е нашата демократија. Никој денеска не загуби, победија сите 85 милиони наши граѓани. Сега е време да се обединиме околу нашите национални цели и национални соништа“.

„Денес е денот кога се исполнија молитвите на нашите граѓани и нашите пријатели ширум светот. Сега, кога изборите завршија, целото време и енергија ќе го посветиме на работа, создавање дела и служење на народот“, рече Ердоган.

„На врвот на листата на приоритети и по изборите останува обновата на нашите градови уништени од земјотресите од 6 февруари, кои ја претставуваат катастрофата на векот. Елиминирањето на проблемите кои произлегуваат од поскапувањата предизвикани од инфлацијата ќе биде една од нашите најактуелни теми во наредните денови“, додаде турскиот претседател.

Во својот победнички говор Ердоган се осврна и на сириските бегалци, тема која беше една од актуелните за време на изборната кампања.

„До денес овозможивме доброволно враќање на речиси 600.000 луѓе во безбедни подрачја на сириска територија. Како дел од заедничкиот проект со Катар, ќе обезбедиме безбедно враќање за уште еден милион луѓе за неколку години“, рече Ердоган и заклучи:

„Ние ќе го продолжиме нашето патување стабилно и самоуверено. Дизајнираме економија со меѓународна репутација фокусирана на инвестиции и вработување“.

TRT Balkan / агенции
Популарни