Во 1973 година доби Нобеловата награда за мир за неговиот придонес во преговорите за прекин на огнот во Виетнам / Photo: AA

Познатиот американски дипломат, нобеловец и научник Хенри Кисинџер, кој остави неизбришлива трага во надворешната политика на САД, почина во средата на 100-годишна возраст во својот дом во Конектикат, соопшти неговата геополитичка консултантска фирма Кисинџер Асошиејтс.

Тој беше контроверзна личност, па додека многумина го фалат за неговата брилијантност и долгогодишно искуство, други го сметаа за воен злосторник поради неговата поддршка на антикомунистичките диктатури, особено во Латинска Америка, вклучувајќи ги и напорите за соборување на марксистичкиот, но демократски избраниот чилеански претседател Салвадор Аљенде.

Хенри Кисинџер, неговото првобитно име е всушност Хајнц Кисинџер, е роден во Фирт, на северот на Баварија, во семејство со еврејско потекло. Неговиот татко бил учител. Семејството ја напуштило тогашна нацистичка Германија во 1938 година.

Тој стана државјанин на САД во 1943 година, а докторирал на Харвард во 1954 година и до 1971 година работеше таму.

Од 1957 година беше на функцијата советник на Нелсон Рокфелер. Потоа, во 1968 година, тој стана советник на претседателот Ричард Никсон, задолжен за национална безбедност, што ќе трае дури и за време на Џералд Форд. Бил државен секретар, односно министер, од септември 1973 до јануари 1977 година. САД тогаш, како што изгледаше, се најдоа заглавени од ситуацијата во Индокина, нешто што изгледаше како ќор-сокак во Виетнамската војна, ситуацијата на Блискиот Исток, но и на други места, во Латинска Америка, Африка, па дури и во Европа.

Во тие години, влијанието на советската држава, или барем идеологијата, растеше низ целиот свет. Не само во земјите кои беа соочени со проблемот на деколонизација, секоја на свој начин, туку таквите идеи станаа општо присутни во академските кругови на Западна Европа.

Кисинџер потоа решава да направи нешто што претходно изгледало невозможно. Од средината на 1971 година постепено воспоставува посебни односи со властите на комунистичка Кина. Кисинџер го посетува Пекинг, најпрво неформално, подготвувајќи ја официјалната посета на Никсон на Кина, што ќе доведе до нормализирање на односите меѓу двете големи земји. Иако ова значително не ја олесни позицијата на САД во Индокина, тоа помогна да се зголеми нерамномерноста во блокот.

Потоа постигна договори со официјална Москва за ограничување на стратешкото оружје (договор САЛТ1 и АБМ).

Во 1973 година, тој беше награден со Нобеловата награда за мир за неговиот придонес во преговорите за прекин на огнот во Виетнам, што се смета за контроверзна одлука.

Кисинџер беше активен и годинава откако го прослави стотиот роденден. Тој присуствуваше на состаноците во Белата куќа, објави книга за стилови на лидерство и сведочеше пред комисијата на Сенатот за нуклеарната закана од Северна Кореја.

Во јули 2023 година, тој ненадејно го посети Пекинг за да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг.

TRT Balkan / агенции
Популарни