Политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханије погребан во Катар / Photo: AA

Шефот на Политичкото биро на палестинското движење Хамас, Исмаил Ханије, кој беше убиен на 31 јули во иранската престолнина Техеран, е погребан во Доха, главниот град на Катар.

Посмртните останки на Ханије синоќа беа донесени од Техеран во Доха, каде денеска беше погребан.

Катарските безбедносни сили по тој повод презедоа интензивни безбедносни мерки во главниот град. Многу улици и авении во Доха беа затворени за сообраќај, а беа преземени посебни безбедносни мерки околу џамијата „Мохамед бин Абдулвахаб“, каде што беше извршен погребот по петочната молитва.

На последното збогување на политичкиот лидер на Хамас Ханије присуствуваа многу официјални лица, а погребната молитва ја предводеше Али ал Карадаги, претседател на Светската унија на муслимански научници.

Меѓу присутните беа катарскиот емир Шеик Тамим бин Хамед Ал Тани, претседателот на Големото национално собрание на Туркије Нуман Куртулмуш, потпретседателот на Туркије Џевдет Јилмаз, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и шефот на турската агенција за разузнавање (МИТ) Ибрахим Калин.

На присутните им се обратија вршителот на должноста шеф на Политичкото биро на Хамас, Калид Машал и првиот човек на Светската унија на муслимански научници, Ал Карадаги.

Телото на Ханије беше испратено со антиизраелски слогани, молитви и текбири (термин кој ja означава арапску фразa Алаху акбар), а погребот беше извршен на гробишта во градот Лусаил, 15 километри северно од Доха.

По погребот, турските функционери Куртулмуш и Јилмаз му изразија сочувство на синот на Исмаил Хеније, Абдуселам. Куртулмуш се сретна и со Машал и му изрази сочувство.

Хамас и Иран во среда наутро ја потврдија смртта на Ханије во воздушен напад на израелската војска врз неговата резиденција во Техеран, еден ден откако тој присуствуваше на инаугурацијата на новиот ирански претседател Масуд Пезешкијан.

Иако официјален Израел не даде каква било изјава во врска со атентатот, премиерот Бенјамин Нетанјаху навести вмешаност на Тел Авив во убиството на лидерот на Хамас.

AA
Популарни