Најмалку девет лица загинаа како последица на поплавите што го погодија јужниот турски град Шанлиурфа. Обилните врнежи од вчера предизвикаа поплави и порои во Шанлиурфа и во другите јужни градови на Туркије, кои минатиот месец беа погодени од разорни земјотреси.
Противпожарните единици од подрумот на еден поплавен објект извлекле тела на пет лица, за кои е утврдено дека се сириски државјани. Уште најмалку четири лица загинаа во поплавите во тој град. Надлежните служби се на терен и му помагаат на загрозеното население. Едно лице загина во Адијаман
Најмалку едно лице загина, а четири се исчезнати поради поројните поплави во југоисточната турска област Адијаман, изјави официјален претставник. Обилните врнежи предизвикаа излевање на реката Егричај во областа што предизвика поплави.
Водата од поплавата однела контејнер поставен во градина во подрачјето на Тут.
Нуман Хатипоглу, кој работи како координатор во Адијаман, рече дека на местото на настанот биле пратени екипи за пребарување.
„Се обидуваме да допреме и до други луѓе. Се надеваме дека ќе стигнеме до нив колку што е можно поскоро. Ова е катастрофа! Инцидентот се случи откако контејнерот го однесе надојдената вода“, додаде Хатипоглу.
Турската агенција за управување со катастрофи АФАД, полицијата, жандармеријата и општинските тимови продолжуваат да ги евакуираат областите каде што постои опасност од поплави.
Минатиот месец Адијаман беше погоден од два земјотреса што го потресоа поголемиот дел од Јужна Туркије и усмртија повеќе од 48.000 лица.