Поранешен советник на Трамп призна дека планирал државни удари во странство

Поранешен советник на Трамп призна дека планирал државни удари во странство

„Потребно е многу работа“, рече Болтон во неверојатното признание за време на интервјуто за Си-Ен-Ен
Џон Болтон, советникот за национална безбедност на поранешниот претседател Доналд Трамп    Фото: Ројтерс

Џон Болтон, советникот за национална безбедност на поранешниот претседател Доналд Трамп, во вторникот призна дека бил вклучен во планирање државни удари во странски земји.

Болтон го изјави ова за време на интервјуто со водителот на Си-Ен-Ен, Џејк Тапер, додека зборуваше за нападот на зградата на Капитол во САД на 6 јануари 2021 година од страна на поддржувачите на Трамп. Рече дека е погрешно да се тврди дека Трамп организирал „внимателно планиран државен удар против Уставот“ на тој датум.

Во своите забелешки, Болтон рече дека Трамп лично „не слуша никого друг“, додавајќи „ништо Доналд Трамп не направи по изборите во врска со лагата за изборен фалсификат, ништо од тоа не може да се одбрани“.

„Исто така, грешка е, како што рекоа некои луѓе, вклучително и во комисијата, коментаторите, дека ова беше внимателно планиран државен удар насочен кон Уставот. Доналд Трамп не ги прави работите така“, рече тој, мислејќи на комисијата што ги истражува настаните од 6 јануари.

„Треба да ја разберете природата на проблемот на Доналд Трамп. Тој е, да ја искористиме метафората на „Војна на ѕвездите“- нарушување во „Силата“ и тоа не е напад на нашата демократија. Тоа е Доналд Трамп што се грижи за Доналд Трамп. Тоа се случува еднаш во животот“, продолжи Болтон.

Но, Тапер возврати, велејќи дека не се согласува.

„Не мора да се биде брилијантен за да се направи државен удар“, рече тој.

„Не се согласувам со тоа“, одговори Болтон. „Како некој кој помогнал во планирањето на државни удари, не овде, туку, знаете, на други места, потребно е многу работа. И тоа не е она што тој го направи“.

Подоцна во своите забелешки, тој ја наведе Венецуела како пример во својата книга и рече: „Во книгата напишав за (државен удар во) Венецуела и се покажа дека не беше успешeн“.

Погледнете го видеото, дел од интервјуто каде признава дека помогнал во планирање државни удари:

Толпа поддржувачи на Трамп упаднаа во зградата на Конгесот на 6 јануари 2021 година во обид да го запре процесот за заверување на гласовите на Изборниот колеџ за новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Во немирите имаше и загинати, а Трамп беше обвинет за поттикнување смртоносно насилство.

AA
Популарни