Повеќето од раселените се сместени во засолништа во училиштата на Агенцијата на ОН за помош и работа, од кои најмалку две се веќе оштетени од израелските воздушни напади во Газа / Photo: AA

Обединетите нации објавија дека повеќе од 260.000 Палестинци се раселени во блокираниот Појас Газа поради израелските воздушни напади.

„Се верува дека повеќе од 263.934 луѓе во Газа ги напуштиле своите домови“, се вели во соопштението на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OЦХА).

Се зголемуваат стравувањата дека бројот на раселените Палестинци во Газа ќе се зголеми поради континуираните израелски напади и ракетните напади на Хамас.

Исто така, се соопштува дека повеќето од раселените се сместени во засолништа во училиштата на Агенцијата на ОН за помош и работа (УНРВА), од кои најмалку две се веќе оштетени од израелските воздушни напади во Газа.

Ситуацијата ескалира во Појасот Газа по нападите на палестинската група Хамас врз израелските градови во саботата.

Израел возврати со масовни воздушни напади врз Газа. Повеќе од 2.100 луѓе се убиени во насилствата, меѓу кои најмалку 900 Палестинци во Газа и 1.200 Израелци од другата страна.

Израел, исто така, го прекина снабдувањето со вода и електрична енергија во Газа, што неизбежно ја влошува и онака лошата хуманитарна ситуација.

Појасот Газа, дом на 2,2 милиони луѓе, веќе е под тешка израелска опсада од 2007 година.

Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци доцна во вторникот соопшти дека повеќе од 175.000 луѓе во Газа се засолниле во 88 нивни училишта.

Агенцијата наведува дека бројката се зголемува поради продолжувањето на израелските воздушни напади.

AA
Популарни