Повеќе од 376.000 Палестинци кои беа присилно раселени поради израелските напади се вратија во северниот дел на Газа во последните денови по отворањето на коридорот Нецарим.
Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OЦХA) објави дека Палестинците се враќаат во северниот дел на Газа, и покрај големото уништување.
По отворањето на окупираниот коридор Нецарим во понеделникот, жителите на Газа почнаа масовно да се враќаат во северните региони.
Според соопштението на OЦХA, повеќе од 376.000 Палестинци присилно раселени од своите домови преминале во северниот дел на Газа од 27-ми јануари.
Според условите за прекин на огнот со Хамас, Израел во понеделникот го отвори коридорот Нецарим, дозволувајќи им на раселените Палестинци да преминат во северниот дел на Газа.
На северот на палестинската енклава уништена е околу 90 отсто од инфраструктурата. Повеќето Палестинци кои се вратиле на север се соочени со урнатини каде некогаш стоеле нивните домови.
Првата шестнеделна фаза од договорот за прекин на огнот во Газа стапи на сила на 19 јануари, со што беше запрена израелската геноцидна војна во која загинаа повеќе од 47.000 Палестинци, главно жени и деца, а беа ранети повеќе од 111.000 од 7 октомври 2023 година.
Седум израелски затвореници, меѓу кои и четири женски војници, досега се ослободени во замена за 290 палестински затвореници откако стапи на сила договорот.
Во ноември 2024 година, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради нападите кои целосно ја уништија инфраструктурата во повеќето делови на Газа.