Како дел од Договорот за примирје меѓу Израел и Хамас планирано е секој ден во Газа да пристигнуваат 600 камиони хуманитарна помош / Photo: AA

Обединетите нации објавија дека повеќе од 630 камиони со хуманитарна помош влегле во Појасот Газа на првиот ден од стапувањето во сила на примирјето меѓу Израел и Хамас.

Тоа го потврди и заменик-секретарот на ОН за хуманитарни прашања и координатор за вонредни ситуации Том Флечер.

Тој нагласи дека најмалку 300 камиони со помош ќе бидат испратени во северниот дел на Појасот Газа и дека помошта мора да биде доставена до регионот што е можно поскоро.

„После 15 месеци немилосрдна војна, хуманитарните потреби достигнаа неверојатни нивоа. Нема време за губење“, рече Флечер.

Договорот меѓу Израел и Хамас, кој вклучува размена на затвореници и прекин на огнот во Газа, стапи на сила во неделата.

Поради израелските напади кои траат од 7 октомври 2023 година и тешкотиите наметнати од Тел Авив, 2,3 милиони Палестинци кои живеат во Појасот Газа се соочија со глад и криза со храна.

Како дел од прекинот на огнот, планирано е секојдневно да се доставуваат 600 камиони со хуманитарна помош во Појасот Газа.

TRT Balkan / агенции
Популарни