Повеќе од милион луѓе на протестите против пензиските реформи во Франција / Photo: AA

На протестите против пензиските реформи одржани во различни градови на Франција вчера, според официјални извори, учествувале повеќе од милион луѓе.

Голем број синдикати учествуваа на протестите против реформите на француската Влада, која има за цел да ја подигне старосната граница за пензионирање на 64 години.

Протестите се одржаа на повеќе од 200 локации во Франција, вклучувајќи ги Париз, Марсеј, Ница и Тулуз.

Демонстрациите во главниот град Париз започнаа на Плоштадот на Републиката, а завршија на Плоштадот на нацијата.

Во текот на протестите имаше тензии и судири меѓу полицијата и демонстрантите. Полицијата користеше солзавец и гумени палки, а демонстрантите на полицајците фрлаа разни предмети.

Во текот на протестниот марш скршени се стаклата на голем број билборди и запалени се канти со смет. Полицијата во Париз приведе 38 лица.

Демонстрантите побараа оставка на францускиот претседател Емануел Макрон.

Станли Фидол, еден од демонстрантите, за Агенција Анадолија изјави дека силно се противи на планираните пензиски реформи.

„Денеска одржавме голем протест. Вакви големи акции ќе сменат некои работи. Денеска баш имаше многу луѓе“, рече Фидол.

Според податоците на организаторите, низ земјата повеќе од два милиони луѓе излегоа на протести против владините пензиски реформи, од кои околу 400.000 само во Париз.

Според податоците на француските медиуми, врз основа на официјални извори, низ цела Франција на протестите имало 1,12 милиони луѓе.

Осум водечки синдикати во земјата ги повикаа Французите повторно да излезат на улица на 31 јануари.

Според последните податоци, Франција има околу 65,6 милиони жители.

Планот за пензиските реформи, кои вклучуваат и зголемување на старосната граница за заминување во пензија од 62 на 64 во 2030 година, веднаш предизвика гнев кај работниците и синдикатите кога француската Влада минатата година најави подготовки за спроведување на овој план.

Неколку синдикати повикаа на демонстрации и штрајкови откако премиерката Елизабет Борн откри детали минатата недела.

Осум најголеми работнички синдикати минатата недела објавија соопштение во кое повикаа на штрајк и демонстрации низ земјата на 19 јануари, што се одржаа вчера.

Борн изјави дека минималната пензија ќе се зголеми на 85 отсто од минималната плата, што значи околу 1.200 евра месечно.

Почнувајќи од 2027 година, измените ќе предвидуваат најмалку 43 години работа за остварување на правото на полна пензија.

Нацрт-реформите би требало да ѝ бидат претставени на Владата на 23 јануари.

TRT Balkan / агенции
Популарни