Министерството за здравство во Газа синоќа соопшти дека успеало повторно да го отвори одделот за дијализа во болницата Ал-Шифа и покрај големите штети предизвикани од израелската армија.
„И покрај огромната штета предизвикана од израелската окупација на инфраструктурата на болницата, Министерството за здравство со исклучителни напори успеа повторно да го отвори одделот за дијализа“, се вели во соопштението на Министерството.
Од Министерството ги повикаа сите пациентите на дијализа во градот Газа и северните области на Газа да се упатат во болницата Ал-Шифа за да добијат медицински третман.
Според локални извори, израелската армија од болницата Ал-Шифа се повлекла на 24 ноември, откако 10 дена ја имала контролата над неа и уништила голем дел од болницата.
Израелската армија извршила операции за пребарување низ болницата, тврдејќи дека палестинската група Хамас ја користела како команден центар. Ова обвинение армијата не успеа убедливо да го докаже, а Хамас пак категорично ги отфрли ваквите обвиненија.
Во понеделникот вечерта, Катар најави продолжување на хуманитарна пауза во Газа меѓу Израел и Хамас за дополнителни два дена.
Израел започна масовни воени напади во Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Според здравствените власти во енклавата, оттогаш уби најмалку 14.854 Палестинци, вклучувајќи 6.150 деца и повеќе од 4.000 жени.