Претседателот Ердоган ја постави сцената за избори на 14 мај во Туркије / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сигнализираше дека има намера да го помести датумот на општите избори во земјата за еден месец порано, на 14 мај.

Известувањето во средата го поставува теренот за гласање што би можело да го продолжи претседателството на Ердоган во третата деценија.

68-годишниот водач остави свој печат во Туркије, станувајќи највлијателниот лидер во земјата од претседателствувањето на основачот на републиката, Мустафа Кемал Ататурк, пред еден век.

Тој беше лидер на земјата во текот на економски бум и разорната пандемија од „Ковид-19“, во време на војни и спречи крвав обид за државен удар.

Неговите поддржувачи го почитуваат затоа што им даде глас на маргинализираните и создаде просперитетна нова средна класа во нацијата од 85 милиони луѓе.

Опозицијата на Ердоган влегува во кампањата поделена за сè, од политика до стратегија и не се договори за кандидат кој ќе излезе против Ердоган.

Разединета опозиција

Следните општи избори во Туркије официјално требаше да се одржат на 18 јуни.

Но, сојузниците на Ердоган во парламентот со недели навестуваат дека можеби ќе ги поместат изборите поради верските празници и училишните испити.

Турскиот парламент се очекува да донесе конечна одлука за точниот датум на изборите.

Ердоган во средата одржа говор пред неговата владејачка партија во кој се потсети на денот кога современа Туркије ги одржа своите први слободни избори во 1950 година. Тоа гласање на 14 мај го освои Аднан Мендерес.

„Покојниот Мендерес на 14 мај 1950 година рече „доста е, народот ќе го каже својот збор“ и излезе како победник на гласањето“, рече Ердоган во изјава за телевизиите.

„Нашиот народ ќе го даде својот одговор на (опозицијата) истиот ден 73 години подоцна.

Разеденетата опозиција сè уште не се обедини околу еден единствен противкандидат по повеќе од една година жестоки разговори. Шестмината опозициски политичари имаат намера да ги одржат следните разговори за претседателски кандидат на 26 јануари.

TRT World
Популарни