Поранешнaтa премиерка Шеик Хасина вчера побегна во Индија поради масовните антивладини протести / Photo: AA

Претседателот на Бангладеш Мохамед Шахабудин денеска го распушти парламентот, со што заврши ерата на моќ на поранешнaтa премиерка Шеик Хасина, којa вчера побегна во Индија поради масовните антивладини протести.

Распуштеното свикување на парламентот беше формирано по контроверзните избори на 7 јануари, кои беа бојкотирани од главните опозициски партии, вклучително и Националистичката партија на Бангладеш (БНП) и нејзиниот сојузник Џамат-е-Ислами.

Претседателството во соопштението наведува дека одлуката за распуштање на Парламентот е донесена по разговори со началниците на армијата, лидерите на политичките партии, претставници на граѓанското општество и лидерите на протестното движење предводено од студентите.

Студентите дадоа рок од 24 часа да се распушти парламентот и да се формира привремена влада. Во соопштението се наведува и дека Каледа Зија (78), главниот опозициски лидер и шеф на БНП, е ослободена од затвор.

Таа е двократен премиер на Бангладеш, но во 2018 година беше осудена на 17 години затвор за корупција.

Стотици луѓе загинаа и се ранети за време на протестите во јули, на кои прво се бараше укинување на квотите на владините работни места, а подоцна и оставка на Хасина, која е на власт од 2009 година.

Седумдесет и шестгодишната премиерка Хасина е ќерка на шеик Муџибур Рахман, основачот на Бангладеш.

AA
Популарни