Речиси 32.000 Палестинци, главно жени и деца, се убиени во израелските напади во Газа од 7.октомври / Photo: AA

Израелско воено беспилотно летало целеше и уби четворица палестински цивили со проектили во областа Ал Сека во Хан Јунис, јужно од Појасот Газа, покажува видеото што го објави Ал Џезира.

Видеото е снимено од израелскиот дрон во Хан Јунис во февруари, прикажувајќи ја потерата по четирите палестински момчиња кои се погодени со неколку проектили.

Две од нив биле убиени со првиот проектил, потоа третото и четвртото биле убиени со уште два проектила.

На снимката се гледа како момчињата ги бараат своите домови или она што останало од нив меѓу урнатините на патот што го расчистија возилата на армијата пред да се повлечат од областа.

Од снимката се гледа дека четворицата цивили не носеле оружје и не претставувале никаква закана.

Откако две момчиња беа убиени во првиот удар, третото момче беше забележано како се оддалечува од целната локација. Но беспилотното летало го следеше и го бомбардираше.

Канцеларијата за медиуми во Газа го смета убиството на 4 цивили со израелско беспилотно летало како доказ за „длабока криза во рамките на израелската окупација“.

„Најостро го осудуваме ова злосторство во кое окупаторската армија бомбардираше 4 момчиња цивили со беспилотни летала, убивајќи ги одмазднички и претворајќи ги во расфрлани остатоци, што укажува на големината на длабоката криза низ која поминува оваа окупација со убивање на овој монструозен начин“, соопшти Канцеларијата за медиуми.

„Американската администрација, меѓународната заедница и израелската окупација сносат целосна одговорност за продолжувањето на овие злосторства против палестинските цивили, шести последователен месец (од војната)“, се додава во соопштението.

Канцеларијата за медиуми, исто така, ги смета „земјите кои ја снабдуваат окупацијата со различно оружје одговорни за злосторствата за убиства на цивили, деца и жени“.

Израел спроведува смртоносна воена офанзива на Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври во кој беа убиени околу 1.200 Израелци.

Речиси 32.000 Палестинци, главно жени и деца, оттогаш се убиени во Газа, а речиси 74.200 се повредени во услови на масовно уништување и недостиг на неопходни работи.

Според Обединетите нации, војната принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а поголем дел од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремената одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.

AA
Популарни