Ураганот Милтон пристигна на Флорида во средата вечерта како бура од трета категорија со ветришта од 233 километри на час, при што има загинати уништувајќи домови и згради и ќе продолжи да предизвикува поројни поплави опасни по живот.
Речиси 2,8 милиони домови и канцеларии низ Флорида се без струја денес. Најзначајните прекини се во округот Сарасота. Повеќе домови се очекува да останат без струја додека Милтон се упатува кон источниот брег на Флорида
Издадено е предупредување за поплави за повеќе од 2,5 милиони луѓе во Флорида, вклучувајќи ги Орландо, Делтона и Дејтона Бич.
Најмалку две лица загинаа во ураганот Милтон во округот Сент Луси на брегот на Атлантскиот Океан на Флорида, изјави окружниот шериф Кит Пирсон.
Смртта била пријавена во пензионерски дом во округот Сент Луси.
Мобилните домови кои се дел од пензионерски дом се уништени во торнадото.
„Околу 200 луѓе од државните и локалните служби бараат луѓе заробени во пензионерски дом што беше „уништен“ од торнадото“, додаде тој.
Пирсон процени дека повеќе од 100 куќи во областа се уништени.
Припадниците на Националната гарда на Флорида и полицијата работат на терен за да им помогнат на жртвите.
Бурата се очекува да ја погоди истата област опустошена од ураганот Хелена пред само две недели, во кој загинаа повеќе од 230 луѓе низ југоисточниот дел на САД.
Американскиот претседател Џо Бајден предупреди во средата дека ураганот Милтон може да стане „бура на векот“ и ги повика жителите на Флорида да ги почитуваат наредбите за евакуација.
Покрај силните ветрови и торнада, Милтон се очекува да предизвика катастрофални поплави низ поголемиот дел од Флорида.
Милтон продолжува да носи обилни врнежи, а во некои области веќе има повеќе од половина метар дожд. Вчера во Сент Петерсбург наврнаа речиси 50 см дожд, надминувајќи го претходниот рекорд поставен во септември 2001 година. На неколку локации во Флорида веќе падна дожд еднаква на повеќемесечна количина дожд.