Најмалку пет лица се убиени, меѓу нив и полицаец кој не бил на должност, за време на пукање во американската сојузна држава Северна Каролина, изјави официјален претставник.
„Пукањето се случи во населба во градот Рали, при што две лица се ранети“, изјави градоначалничката на Рали, Мери-Ен Болдвин.
Меѓу повредените е и полицаец на единицата К9, кој се здобил со повреди кои не се опасни по живот, според „Си-ен-ен“ (CNN).
„Ова е тажен и трагичен ден за градот Рали“, рече Болдвин на прес-конференција.
Градоначалничката ги повика жителите на градот да ги поддржат оние во заедницата кои претрпеле ужасна загуба и семејството на полицаецот кој беше убиен.
„Мораме да го запреме ова безумно насилство во Америка. Мора да се справиме со оруженото насилство. Имаме многу да направиме“, рече градоначалничката.
Осомничениот напаѓач е во притвор.
„Жалиме за жртвите на овој ужасен чин на насилство“, изјави гувернерот на Северна Каролина, Рој Купер.