Рускиот претседател Владимир Путин ги обвини властите на Соединетите Американски Држави дека се обидуваат да ја турнат Москва на нејзините „црвени линии“, предупредувајќи дека Русија ќе ги укине ограничувањата за распоредување ракети со краток и среден дострел ако САД распоредуваат слично оружје.
Говорејќи на продолжениот состанок на комитетот на руското Министерство за одбрана во Москва, Путин рече дека земјите на НАТО ги зголемиле воените трошоци и формирале НАТО групи во близина на границата со Русија.
Рускиот претседател тврди дека бројот на американски војници во Европа надминал 100.000.
„Нѐ помалку загрижувачка е активноста на САД во создавањето и подготовката за распоредување во предните зони на високопрецизно копнено ударно оружје со дострел до 5.500 километри“, рече Путин.
Тој изјави дека САД работат паралелно на трансфер и распоредување на вакви ракетни системи во Европа и во азиско-пацифичкиот регион, нагласувајќи дека таквите мерки претходно биле забранети со Договорот за нуклеарни сили со среден дострел.
Договорот за нуклеарни сили со среден дострел, потпишан од Вашингтон и Москва во 1987 година, забрани употреба на копнени нуклеарни и конвенционални ракети.
Сепак, САД се повлекоа од договорот за контрола на оружјето во 2019 година, обвинувајќи ја Русија за кршење на актот.
„Постојано изјавувавме дека раскинувањето на овој договор ќе има негативни последици за глобалната безбедност, но исто така нагласивме дека нема да распоредуваме ракети со среден и краток дострел додека американското оружје од овој тип не се појави во кој било дел од светот. Всушност, Русија еднострано ги презеде овие обврски. Меѓутоа, како што веќе реков, ако САД почнат да поставуваат такви системи, тогаш сите наши доброволни ограничувања ќе бидат укинати“, предупреди Путин.