Илјадници палестински деца се убиени за време на израелските напади врз Појасот Газа, посочи Кетрин Расел извршната директорка на Меѓународниот детски фонд на ОН (УНИЦЕФ) на брифингот на Советот за безбедност на ОН за заштитата на децата во Газа.
Таа ја нарече Газа „најопасното место на светот за да се биде дете“.
„Наводно, повеќе од 5.300 палестински деца биле убиени за само 46 дена... или над 115 дневно, секој ден, со недели и недели. Врз основа на овие бројки, децата претставуваат 40% од смртните случаи во Газа. Ова е без преседан. Со други зборови, Појасот Газа е најопасното место во светот за да се биде дете“, изјави таа.
Расел рече дека децата во Газа се изложени на „екстремен ризик“ од катастрофални животни услови, покрај бомбите, ракетите и пукотниците.
„Ефектите од насилството извршено врз децата беа катастрофални, неселективни и непропорционални“, рече таа, нагласувајќи дека хуманитарните паузи „едноставно не се доволни“.
„УНИЦЕФ повикува на итен хуманитарен прекин на огнот за веднаш да се стави крај на овој масакр.
„Загрижени сме дека понатамошната воена ескалација на југот од Газа експоненцијално би ја влошила хуманитарната ситуација таму... предизвикувајќи дополнително раселување... и притискање на цивилното население во уште помала област. Нападите на југот мора да се избегнат“, додаде таа.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Властите во Газа во вторникот соопштија дека бројот на жртвите од тековните израелски напади врз опколената енклава оттогаш се искачи над 14.100 луѓе, вклучувајќи над 5.800 деца и 3.900 жени.
Во меѓувреме, бројот на загинати во Израел е околу 1.200, според официјалните бројки.