Според либанската новинска агенција, израелската армија уништила 37 села и градови во јужен Либан / Photo: Reuters

Либанците, кои беа принудно раселени поради израелските напади, почнаа да се враќаат дома откако утрово стапи на сила прекинот на огнот.

„Контролираните“ судири меѓу Израел и Хезболах, кои започнаа на 8 октомври 2023 година, се проширија и се претворија во војна во последните месеци.

Како резултат на нападот, приближно 1,9 милиони луѓе беа принудно раселени во Либан, кој има 5,3 милиони жители.

Примирјето постигнато меѓу Израел и Либан, со кое беше ставен крај на конфликтот, стапи на сила утринава во 4 часот по локално време (3 часот по средноевропско време).

Прослава за враќањето

Во Либан се прославуба по стапувањето на сила на примирјето, а насилно раселените Либанци почнаа да се враќаат во своите домови.

На патиштата кои водат кон југот од земјава забележан е голем метеж.

Веднаш по стапувањето на сила на прекинот на огнот, некои од оние кои се вратија во своите домови во јужен Либан славеа со огномет.

Во градовите и селата долж границата владее неизвесност. Луѓето кои живеат во многу села и градови долж граничната линија што Израел ја окупираше со копнен напад сè уште не можат да се вратат во своите домови.

Окупацијата на регионот од страна на израелските војници продолжува и тие се уште не се повлекле од овие места.

Во соопштението, либанската армија ги предупреди жителите на селата и градовите во пограничната област да чекаат израелските војници да се повлечат од областите што ги окупираа пред да се вратат во своите домови.

Многумина нема да можат да ги најдат своите домови

Илјадници Либанци кои среќни заминаа кон дома по прекинот на огнот нема да можат да ги најдат своите домови, бидејќи израелската армија зад себе остави големи разурнувања во многу делови од земјата, особено во пограничните области, поради копнени и воздушни напади.

За време на копнените напади, израелската армија избриша многу села и градови долж границата од картата, тврдејќи дека тие биле „цели на Хезболах“.

Според либанската новинска агенција, израелската армија досега уништила 37 села и градови во јужен Либан и уништила повеќе од 40.000 куќи и станбени згради во копнени напади.

Многу градови како Тир, Сидон и Баалбек, особено главниот град Бејрут, беа цел на интензивни израелски воздушни напади. Се вели дека стотици куќи во овие градови биле целосно или делумно уништени од воздушните напади.

Во Израел се раселени 60.000 луѓе

Поради ракетните и нападите со беспилотни летала на Хезболах, оние што живеат во израелските населби во близина на границата со Либан мораа да ги напуштат своите домови.

На северот на Израел поради конфликтот се раселени 60.000 луѓе.

Израел тврдеше дека копнениот напад врз Либан е неопходен за да можат неговите евакуирани граѓани да се вратат во своите домови на северната граница.

TRT Balkan / агенции
Популарни