Со стапувањето во сила на хуманитарната пауза во конфликтот меѓу Хамас и Израел утринава, илјадници Палестинци раселени поради неколкунеделните израелски напади во Појасот Газа почнаа да се враќаат во своите домови за да го проверат својот имот и да бараат членови на семејствата.
Репортер на Анадолу јавува дека многу Палестинци ги напуштиле училиштата каде што барале засолниште од израелските напади, кои траеја од 7 октомври до утринава кога стапи на сила на четиридневната хуманитарна пауза за размена на затвореници и испраќање помош во блокираниот Појас Газа.
По жестоките израелски напади, многу Палестинци во густо населениот Појас Газа изгубија контакт со членовите на семејството поради постојаните прекини во комуникацијата и ограниченото движење.
Израелската армија утринава фрли летоци на јужниот дел на Појасот Газа со предупредување до Палестинците да не се движат кон северот на Појасот бидејќи тој се уште е воена зона.
Четиридневното хуманитарно примирје меѓу израелската армија и Хамас стапи во сила утринава во сите области на Појасот Газа, со што привремено беа стопирани нападите за размена на затвореници и испорака на помош.