Во Газа нема војна, тоа е геноцид, тоа не е војна на војници против војници, тоа е војна меѓу подготвена војска против жени и деца, рече Лула да Силва / Photo: AA

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва во понеделникот го отповика амбасадорот на неговата земја во Израел, неколку часа откако израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац го прогласи Лула за персона нон грата во земјата додека тензиите меѓу двете земји продолжуваат да се зголемуваат.

Министерот за надворешни работи, Мауро Виеира го повика бразилскиот амбасадор во Тел Авив, Фредерико Мајер, да се врати во земјата на консултации и тој во вторник заминува за Бразил, се вели во соопштението на тамошното Министерство за надворешни работи.

Во понеделникот, Израел рече дека Лула не е добредојден во земјата додека не ги повлече коментарите во кои ја спореди израелската војна против Газа со холокаустот.

„Нема да заборавиме, ниту да простиме“, рече Кац, кој избра симболично место за опомената - Музејот на холокаустот во Ерусалим, Јад Вашем.

„Тоа е сериозен антисемитски напад. Во мое име и во име на граѓаните на Израел, пренесете му го ова на претседателот Лула, кој е персона нон грата во Израел додека не отстапи“, додаде тој.

Изјавите на Кац дојдоа откако шефот на бразилската држава во неделата ја спореди војната во Газа со кампањата на Адолф Хитлер за истребување на еврејскиот народ во текот на 1930-тите и 1940-тите.

„Она што се случува во Појасот Газа со палестинскиот народ не се случило во ниту еден друг момент во историјата. Всушност, тоа се случи: кога Хитлер одлучи да ги убие Евреите“, им рече Лула на новинарите во главниот град на Етиопија, Адис Абеба, каде што присуствуваше на самитот на Африканската унија.

„Она што се случува во Појасот Газа не е војна, тоа е геноцид. Тоа не е војна на војници против војници. Тоа е војна меѓу подготвена војска против жени и деца“, додаде тој.

Бразилското Министерство за надворешни работи, исто така, соопшти дека ќе го повика израелскиот амбасадор во Бразил, Даниел Зоншајн, на состанок во Рио де Жанеиро.

Лула го осуди нападот на палестинската група Хамас врз Израел на 7.октомври како „терористички“ чин, но исто така ги критикуваше нападите на Израел врз Газа, во кои загинаа речиси 29.000 луѓе, според палестинските власти.

AA
Популарни