Фон дер Лајен и Ердоган разговараа за зајакнување на односите меѓу ЕУ и Туркије / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, разговараа за зајакнувањето на односите меѓу Европската Унија и Туркије. Разговорот се случи на маргините на Самитот на НАТО во литванскиот главен град Вилнус кој се одржа вчера.

„Добар состанок со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Го поздравувам договорот на Туркије да продолжи со приемот на Шведска во НАТО“, напиша Фон дер Лајен на Твитер по средбата.

Таа додаде дека разговарале и за континуираната поддршка за Украина и за неуморните напори на Туркије за продолжување на Договорот за жито преку Црно Море.

Поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во процесот на приклучување на Туркије кон ЕУ му ветил и шпанскиот премиер Педро Санчез.

На конференцијата за новинари Санчез рече дека за време на состанокот со Ердоган ветил дека ќе се обиде да ги унапреди прашањата од интерес за Туркије во врска со нејзиниот пристап во ЕУ во текот на претседавањето на Шпанија со Унијата.

„Мора да видиме како точно можеме да преземеме чекори овие месеци, со цел Туркије да се почувствува поблиску, а не подалечна“, истакна Санчез.

Премиерот на Шпанија додаде дека неговата земја отсекогаш имала позитивен став кон двата главни приоритета на Туркије, а тоа се либерализација на визниот режим и ажурирање на Царинската унија.

Премиерот на Шпанија го пофали привилегираниот и стратегиски однос меѓу Шпанија и Туркије.

TRT Balkan / агенции
Популарни