Бројот на загинати Палестинци во тековните израелски напади врз Појасот Газа се искачи на 18.787 од 7 октомври, соопшти денес Министерството за здравство.
Портпаролот на Министерството, Ашраф ал-Кудра, изјави дека во израелската офанзива се повредени 50.897 лица.
„Најмалку 179 луѓе загинаа, а 303 лица се повредени во изминатите часови“, додаде портпаролот за време на прес-конференцијата.
„Голем број од жртвите остануваат под урнатините и на патиштата“, рече Ал-Кудра.
Најмалку 27 Палестинци загинаа утрово во израелските воздушни напади во јужниот дел на Појасот Газа, објави палестинската новинска агенција Вафа.
Израелската војска изврши воздушни напади врз големи подрачја во северниот и јужниот дел на Појасот Газа, особено насочени кон градовите Хан Јунис и Рафах, соопшти агенцијата цитирајќи локални извори.
Воената артилерија исто така ги гранатираше населбите Ал-Дараџ и Ал-Туфах во источниот дел на градот Газа, како и градот Џабалија во северниот дел на енклавата, додаде агенцијата.
Израел го бомбардира Појасот Газа од воздух и од копно, воведе опсада и изврши копнена офанзива како одмазда за прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.