Во март оваа година првата воздушна база на НАТО на Западен Балкан, беше отворена во општина Кучово во округот Берат во јужниот дел на земјата / Photo: AA

Земјите од Западен Балкан неодамна одлучија да направат нови инвестиции во областа на одбраната. Регионот повторно го воведува и задолжителниот воен рок.

Овој потег доаѓа бидејќи конфликтите во Украина и на Блискиот Исток, зголемениот број кризни точки и влошувањето на безбедносната ситуација ширум светот принудија многу земји да размислуваат за својот воен потенцијал.

Членките на НАТО, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија ги зголемија своите воени буџети. Србија и Косово кои не се членки тргнаа по сличен пат.

Во меѓувреме, Босна и Херцеговина, која исто така не е членка на НАТО, заостанува зад остатокот од Балканот во трошоците за одбрана.

Покрај инвестициите, повторното воведување на задолжителна воена служба од страна на Србија и Хрватска претставува уште една форма на одбранбена активност меѓу земјите од регионот.

Србија привлекува најмногу внимание

Србија, позната по својата воена неутралност меѓу земјите од поранешна Југославија, неодамна привлече најголемо внимание со купувањето на борбени авиони Рафал од Франција и повторното воведување на задолжителниот воен рок.

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека задолжителниот воен рок, кој беше укинат во 2010 година, ќе биде вратен. Воениот рок ќе биде 75 дена.

Србија има инвестициска стапка од 37,9 отсто во својот воен буџет оваа година, што го користи за купување нова опрема, надградба на постоечки системи или инвестирање во инфраструктура или технологија, наместо само да ги покрива оперативните трошоци, како што се платите или одржувањето.

Хрватска го враќа задолжителниот воен рок

Хрватска, членка на НАТО и на Европската Унија, исто така најави дека ќе го врати задолжителниот воен рок.

Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ рече дека задолжителната воена служба, која беше укината во 2008 година, ќе биде повторно воведена од 1 јануари 2025 година и ќе трае 60 дена.

Неодамнешните набавки на Хрватска на оклопни борбени возила Бредли од САД и борбени авиони Рафал од Франција се опишани како „модернизација“ на армијата на земјата.

Според податоците на хрватското Министерство за одбрана, воениот буџет за модернизација на армијата за 2024 година е зголемен за 622 отсто во споредба со 2016 година.

И Црна Гора и Словенија ги зголемуваат воените буџети

Црна Гора, која стана членка на НАТО во 2017 година одвои најмалку 2 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната.

Црногорското Министерство за одбрана соопшти дека 35,7 отсто од воениот буџет за 2024 година ќе бидат наменети за инвестиции, а на дневен ред се нови набавки како патролни чамци и хеликоптери.

Враќањето на воениот рок не е на агендата на Црна Гора.

Друга регионална земја која е членка на НАТО и ЕУ, Словенија, го зголемува воениот буџет за годинава. Словенија не планира да го врати задолжителниот воен рок.

Северна Македонија се грижи за развојот на својата армија

Северна Македонија, членка на НАТО од 2020 година, го укина задолжителниот воен рок во 2006 година, а армијата беше целосно професионализирана во 2006-2007 година.

Повторно воведување на задолжителниот воен рок не е на дневен ред на нацијата.

Земјата, која учествуваше во многу меѓународни мисии и вежби пред и по членството во НАТО, исто така планира да купи одбранбена опрема што е во согласност со стандардите на НАТО.

Северна Македонија, која прифаќа донации на воена опрема од земјите членки на НАТО, особено Туркије, се грижи за модернизација на својата армија.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски во изјава по церемонијата по повод испораката на воената опрема донирана на нивната армија од страна на турското Министерство за национална одбрана на 30 август рече дека ќе продолжат со модернизацијата на војската на земјата со нова опрема.

Косово презема клучни чекори за зајакнување на армијата

Косово ги трансформираше своите Косовски безбедносни сили (ФСК) во вооружени сили со законски измени во 2018 година.Се очекува дека Косово ќе има околу 7.500 воен персонал по завршувањето на процесот, кој се очекува да трае 10 години.

Косово, кое одвои над 200 милиони евра за оружје и опрема во 2021-2023 година го направи највпечатливото купување на беспилотни летала Бајрактар TБ2 СИХА (УАВс) од Тукије минатата година.

Во Косово нема задолжителен воен рок.

Босна и Херцеговина заостанува во одбранбената мобилност

Поради сложената политичка структура што се појави со Дејтонскиот мировен договор по војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите, се смета дека е речиси невозможно да се направат иновации во областа на одбраната и војската во земјата.

Додека Република Српска, еден од двата ентитета на БИХ, прави многу инвестиции во областа на одбраната, другиот ентитет на земјата, Федерацијата на Босна и Херцеговина останува дефицитарен во овој поглед.

Албанија е домаќин на првата воздушна база на НАТО во регионот

Албанија стана членка на НАТО во 2009 година. Земјата, која ја укина задолжителната воена служба по пристапувањето во НАТО, има армија составена од професионален персонал.

Во март оваа година, првата воздушна база на НАТО на Западен Балкан, беше отворена во општина Кучово во округот Берат во јужниот дел на земјата.

Јавно се разговара за враќањето на задолжителниот воен рок, но властите не презедоа никакви официјални мерки по ова прашање.

Албанија во март доби и беспилотни летала Бајрактар ТБ 2 во рамките на Стратешкото партнерство Туркије-Албанија. На почетокот на 2024 година, Албанија ја доби и првата серија хеликоптери Black Hawk што ги нарача од САД.

TRT Balkan / агенции
Популарни