Рекордно ниво на температурата на воздухот во светот за овој период / Photo: AA

Во првите 11 дена од јуни температурата низ светот ги урна рекордите за овој период од годината.

Според податоците на Службата за климатски промени „Коперникус“, што е во служба на Европската Унија (ЕУ), по формирањето на временскиот настан Ел Нињо (глобален двоен океанско-атмосферски феномен) и по рекордно високата температура на површината на морето минатиот месец, во првите 11 дена од јуни температурата на воздухот на копно го достигна својот највисок просек измерен за овој период од годината.

Просечната температура на воздухот во јуни за првпат го надмина прединдустрискиот период за 1,5 степени.

Со Парискиот договор се планираше ограничување на глобалното зголемување на температурата на 1,5 степени за периоди од 20 и 30 години.

„Додека тековниот настан Ел Нињо продолжува да се развива, постојат добри причини да се очекува просечната глобална температура на воздухот во следните 12 месеци да се зголеми за повеќе од 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период“, се вели во соопштението на службата „Коперникус“.

Просечниот пораст на температурата на воздухот и претходно го има надминато прагот од 1,5 степени. Сепак, овој пораст за прв пат е забележан во јуни. Прагот од 1,5 степени за прв пат беше надминат во декември 2015 година, а потоа се повтори во зимските и пролетните месеци 2016 и 2020 година.

Светската метеоролошка организација во својот извештај објавен во мај наведе дека постои веројатност од 66 отсто глобалната просечна температура на воздухот во текот од најмалку една година да биде 1,5 степени над просекот од прединдустрискиот период за време од 2023 до 2027 година.

AA
Популарни