Пред израелската војна против Газа, палестинскиот рибар Џалал Каран пловел со својот мал брод на долги растојанија во потрага по добар улов. Деновиве тој вели дека самото фрлање мрежи може да биде смртоносно ако го навлече гневот на израелската морнарица.
Израелските воздушни напади и гранатирање претворија во урнатини големи делови од густо населената крајбрежна Газа и убија повеќе од 32.000 Палестинци.
Исто така, постојат многу опасности на морето за рибарите како Каран, кој сепак мора да го издржува своето семејство.
„Кога се обидуваме да излеземе на море, сме опколени со истрели, бомбардирани со гранати, звучни бомби. Секогаш е ризик, ризик е влегувањето во водата“, рече тој додека го извлекуваше својот чамец до брегот откако улови неколку риби.
„Не поминува ден, а тие да не дојдат по нас. Сето тоа е страв и ужас, но и покрај ова, јас влегувам во морето за да можам да обезбедам живот за моите деца“, вели Каран.
Израелската војска не беше достапна за коментар.
Ризикување на животот
Каран е особено желен да работи на морето за време на светиот муслимански месец Рамазан, кога семејствата обично заедно уживаат во големи оброци по постот. Но овие денови тешко се доаѓа до веселби.
Меѓународниот суд на правда соопшти дека Палестинците во Газа се соочуваат со влошување на условите на живот и дека се шират глад и изгладнувањето.
„Што се однесува до риболовот, нема никакво количество. Денеска за Рамазан постам, си го ризикувам животот за да уловам еден или два килограми риба да јадам или да ги продадам за да купам неопходни работи за домот“, рече Каран подготвувајќи ја својата рибарска мрежа.
И другите Палестинци во Газа ги чувствуваат последиците од кризата со рибарството.
Додека се подготвуваше за прекршувањето на постот, Ум ал Зеин, една од стотиците илјади раселени во Газа рече дека нејзините деца копнеат по риба.
„Палестина е позната по својата одлична риба и морски плодови, но поради војната рибата не е достапна. За жал, не сме јаделе риба од 7. октомври“, рече таа.