Новинарите кои биле на местото на нападот имале панцири и шлемови на кои пишувало „Прес“ / Photo: AA

Репортери без граници (РСФ) објавија дека балистичката анализа открила оти новинарот на Ројтерс Исам Абдула бил намерно убиен во напад на израелската војска.

РСФ во неделата на својата веб-страница ги сподели првичните наоди од истрагата за убиството на Абдула на либанско-израелската граница на 13 октомври.

Се вели дека на денот на нападот околу 18 часот, два напади се случиле со приближно 30 секунди разлика во областа каде што биле лоцирани седум новинари, меѓу кои и Абдула.

Абдула беше убиен во првиот напад, а уште еден репортер беше ранет, додека во вториот напад експлодираше возило на катарската новинска агенција Ал Џезира, а многу новинари беа повредени, се вели во соопштението.

Балистичката анализа покажа дека истрелите дошле од правец на израелската граница, на исток од областа каде што биле нападнати новинарската група и возилата.

„Фактот дека имало два напади кои доаѓале од иста насока до иста точка за толку кратко време (нешто повеќе од 30 секунди) јасно покажува дека имало намерно таргетирање“, стои во соопштението.

Се истакнува дека новинарите кои биле на местото каде се случил нападот имале панцири и шлемови на кои јасно пишувало „Прес“.

РСФ, исто така, нагласи дека Едмонд Сасин, еден од новинарите, рекол дека израелски хеликоптер им летал над главите неколку секунди пред нападот.

Израел силно ја бомбардира Газа од 7. октомври кога палестинската група Хамас изврши ненадеен прекуграничен напад.

Портпаролот на армијата Даниел Хагари во саботата објави дека војската „ги проширува своите операции и преминува во следната фаза од нашата војна против Хамас“.

2,3 милиони жители на Газа, исто така, се борат со недостиг од храна, вода, гориво и лекови поради блокадата на енклавата од страна на Израел.

Само неколку камиони со помош влегоа во Газа од отворањето на преминот Рафах минатиот викенд.

Тензиите ескалираа на израелско-либанската граница откако Хамас ја започна операција „Поплава Ал Акса“ и последователните напади на Израел врз Газа.

Размената на оган меѓу Хезболах и израелската армија предизвика загинати и повредени на двете страни.

AA
Популарни