На прашањето дали верува во нивното тврдење дека Израел не ја дозволил договорената хуманитарна помош, Рубио рече дека верува дека на ништо што кажа Хамас не може да му се верува

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека прекинот на огнот меѓу Израел и милитантната група Хамас е кревок, бидејќи, спопред него, тоа е терористичка организација.

„Значи, овде немате работа со земја која работи според законите на војната или на какви било закони. Значи, тоа е многу кревок прекин на огнот. Ќе видиме што ќе се случи во сабота“, изјави Рубио за Њуз Нејшн, соопшти Стејт департментот.

Според него, американскиот претседател Доналд Трамп бил многу јасен дека сака да ги види заложниците ослободени.

„Тој е уморен од оваа динамика, капка по капка секоја недела. Има и Американци меѓу заложниците. Претседателот сака да ги види ослободени и јасно стави до знаење дека ако тоа не е случај во сабота, тогаш сите опции се на маса. И тоа нема да биде добро за Хамас“, рече Рубио.

Тој, сепак, изрази надеж дека тоа ќе се реши.

„Мислам дека никој не сака конфликтот да продолжи. Но од друга страна, не можеме да дозволиме Хамас да одлучи кои делови од договорот ќе ги исполни, а кои не“, рече тој.

На прашањето дали верува во нивното тврдење дека Израел не ја дозволил договорената хуманитарна помош, Рубио рече дека верува дека на ништо што кажа Хамас не може да му се верува.

„Очигледно,мислам дека предизвикот овде е што Хамас, знаеме, продолжува да користи мрежи за шверц на оружје и да си помага за повторно да се воспостави. Израел не може да дозволи тоа да се случи“, нагласи Рубио.

Како што истакна, Хамас постои со многу јасна цел - уништување на еврејската држава.

Рубио изрази надеж дека пречката ќе биде надмината во следните 72 часа.

„Знам дека многу земји во регионот носат одлуки и се надеваме дека ќе имаме добар исход во сабота, а ако не, мислам дека Хамас ќе биде виновен“, рече тој.

Трамп рече дека доколку до сабота напладне не бидат вратени сите заложници кои ги држи палестинската милитантна група Хамас во Газа, тој ќе предложи да се прекине примирјето меѓу Израел и Хамас и да се остави „портите на пеколот да се отворат“.

Зборувајќи со новинарите додека потпишуваше серија извршни наредби во Белата куќа, Трамп рече дека одлуката за продолжување на прекинот на огнот на крајот ќе зависи од Израел.

TRT Balkan / агенции
Популарни