Русија и Туркије работат на отстранување на проблемите со банкарските плаќања предизвикани од санкциите, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Говорејќи на брифинг со новинарите во Москва, Песков рече дека Москва и Анкара решително бараат излез од ситуацијата.
„Во сите финансиски прашања константно се одржуваат контакти на работно ниво со цел да се најде излез од оваа ситуација. Одредени проблеми навистина се присутни, но очигледно е која е причината за овие проблеми. Тоа предизвикува сериозна штета на интересите и на нашите и на турските економски оператори“, нагласи тој.
Запрашан за можната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Туркије, Песков рече дека точните датуми сѐ уште не се финализирани.
„Се воспоставуваат контакти на највисоко ниво. Условите за руско-турските контакти на највисоко ниво сѐ уште не се утврдени. Но подразбирањето дека тие ќе се случат во догледна иднина, е присутно“, рече тој.
Осврнувајќи се на поплавите во јужниот руски регион Оренбург, Песков рече дека локалните власти напорно работат на справување со природната катастрофа.
Градот Орск е поплавен по пробивањето на браната во петокот, а речиси 6.200 луѓе се евакуирани од погодената област, соопшти Министерството за вонредни ситуации.
Гувернерот на регионот Оренбург, Денис Паслер, рече дека ситуацијата се развива според најлошото сценарио бидејќи нивото на водата продолжува да расте и на неколку места надминато е нивото кое се смета за опасно.
Коментирајќи го пристигнувањето на германските трупи во Литванија, најавено од страна на министерот за надворешни работи Лауринас Касчјунас, Песков рече дека Москва го гледа овој потег како „натамошна ескалација на тензиите“, нова закана во близина на границите на земјата.
„Истото тоа важи и за јапонско-американската воена соработка“, рече портпаролот Песков, додавајќи дека присуството на американските војници во Јапонија отсекогаш било пречка за Москва и Токио да потпишат мировен договор по Втората светска војна.
Портпаролот на Кремљ исто така го осуди нападот на нуклеарната централа Запорожје и го нарече „опасна провокација“.
„Ова е многу опасна провокација. Персоналот на МААЕ (Меѓународната агенција за атомска енергија) кој се наоѓа на самото место имаше можност да биде сведок на овие напади. Ова е многу опасна и потенцијално многу лоша тактика. За жал, режимот во Киев продолжува со својата терористичка активност“, рече Песков.
Властите соопштија дека Украина во неделата извела напади со беспилотни летала врз централата во Запорожје, врз подрачјата за персоналот и каргото, и куполата на шестата енергетска единица, при што повредени се тројца вработени во централата.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, го нарече нападот „непромислен“ и повика на воздржување од активностите кои претставуваат опасност за централата.