Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Западот ја прави Украина „жртвено јагне“.
Коментирајќи ги медиумските извештаи во кои се тврди дека ЦИА ја информирала Белгија за „трагата“ на Украина во експлозиите на гасоводите „Северен тек“, Захарова рече дека Киев може да биде обвинет за што било во моментов.
„Многу погоден момент за Соединетите Американски Држави да го решат убиството на претседателот (Џон) Кенеди. Сега можете сѐ да му припишете на (украинскиот претседател Владимир) Зеленски. Нема подобро жртвено јагне“, напиша Захарова на Телеграм.
Што се однесува до изјавите дека германскиот канцелар Олаф Шолц сака да реализира телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, Захарова праша која е целта.
„Дали Шолц е подготвен да каже кој го разнесе ‘Северен тек’?“, реторички праша таа.
Кон крајот на септември гасоводите „Северен тек 1 и 2“ беа таргетирани со подводни експлозии. Гасоводите доставуваат руски природен гас до Германија и европскиот регион преку Балтичко Море.
Украина и САД долго време предупредуваа дека „Северен тек 2“ претставува ризик по националната безбедност бидејќи ќе ѝ овозможи на Русија да го заобиколи постојниот гасовод што минува низ Украина и ќе ѝ овозможи на Москва да праќа енергија директно во Германија. Но Киев остро негираше каква било вмешаност во нападите и ја обвини Русија за експлозиите.
Москва ги обвини САД и Велика Британија дека стојат зад нападите бидејќи „малку земји ги имаат потребните способности“ да извршат таква тешка техничка операција.
Разузнавачките материјали разгледани од американски официјални претставници сугерираа дека зад експлозиите можно е да стојат проукраински групи.