Најмалку две лица загинаа во експлозија во источна Полска, недалеку од украинската граница, изјави официјален претставник.
Радио Лублин објави дека службениците за вонредни состојби и армиските трупи стигнале на местото на експлозијата во селото Пржеводов во областа Лублин.
Причината за експлозијата се уште не е утврдена.
„Причините за овој инцидент во моментов не се познати“, изјави за Радио Лублин Марцин Лебиедович, портпарол на локалната канцеларија на Државната противпожарна служба.
„Добивме дојава за експлозија. По пристигнувањето потврдуваме дека се случило вакво нешто. Две лица загинале на лице место. Во моментот го обезбедуваме местото на инцидентот“, додаде Лебиедович.
Полска ја зголемува борбената готовност на воените единици
Премиерот Матеуш Моравјецки свика состанок на високо ниво на итна основа, изјави владиниот портпарол Пјотр Мулер набргу откако почнаа да доаѓаат извештаи за експлозијата.
„Одлучено е да се зголеми борбената готовност на воените единици“, рече Мулер пред новинарите по итниот состанок на Одборот за национална безбедност кој го свика полскиот премиер.
На состанокот присуствувале сите релевантни високи фунцкионери на Полска.
Во меѓувреме, Асошиетед прес цитираше висок американски функционер дека руски проектили навлегле во Полска, членка на НАТО, при што загинале две лица.
Русија: Не се извршени никакви напади во близина на украинско-полската граница
Министерството за одбрана на Русија во својата реакција наведува дека „со руските средства на уништување не се извршени никакви напади врз целите во близина на украинско-полската државна граница.“
„Изјавите на полските медиуми и функционери за наводен пад на руските проектили се намерна провокација со цел ескалација на ситуацијата“, објави руското Министерство за одбрана.
САД: Ги истражуваме извештаите за руски ракетни напади во Полска
Соединетите Американски Држави (САД) соопштија дека „ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО“ откако руски проектили, наводно, ја погодиле членката на алијансата Полска, при што загинаа две лица.
Портпаролот на Пентагон, Пат Рајдер, не можеше веднаш да потврди дали експлозиите се резултат на руски ракетни напади, но рече дека Министерството за одбрана работи на потврдување на тие извештаи.
„Свесни сме за медиумските извештаи за ова. Засега немаме информации за да ги потврдиме тие извештаи, но сè уште ги сфаќаме сериозно и ги истражуваме наводите“, изјави Рајдер за новинарите во Пентагон.
„Не сакам да шпекулирам или да навлегувам во хипотетички прашања. Кога станува збор за нашите безбедносни обврски и членот 5, ние сме кристално јасни дека ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО“, додаде тој, осврнувајќи се на принципот на колективна одбрана на НАТО.
Реакции
Украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека „проектилите кои ја погодиле Полска биле руски.“
Претседателот на Еворпскиот Совет Шарл Мишел истакна дека е шокиран од веста дека
„проектил или друга муниција убила луѓе на полска територија“.
„Моето сочувство до семејствата. Ние стоиме со Полска. Во контакт сум со полските власти, членовите на Европскиот совет и другите сојузници“, истакна Мишел.
Ракетите го погодија селото Пржеводов во источна Полска додека Украина се соочува со бран ракетни напади насочени кон енергетската инфраструктура на земјата разурната од војна, оставајќи милиони луѓе без електрична енергија.
Некои руски ракети погодија цели во западниот дел на Украина во близина на границата со Полска.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки свика итен состанок на високо ниво за да се разговара за ова прашање, објави владиниот портпарол Пјотр Мулер, набргу по објавувањето на извештаите за експлозијата во селото Пржеводов.