Руте во Берлин одржа заедничка прес - конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц / Photo: AA

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска говорејќи на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин, рече дека кој и да победи на изборите во САД, сојузниците во Алијансата ќе работат со него и ќе се погрижат таа да остане обединета.

„Кој и да победи на тие избори, ние ќе работиме со Камала Харис, ќе работиме со Доналд Трамп. Не се сомневам бидејќи тоа е во наш интерес. Во наш интерес е овде (во Европа), но и за Соединетите држави. Тие (Американците) знаат дека ако (рускиот претседател) Путин би бил успешен во Украина, во тој момент, охрабрена Русија е на нашето источно крило и ќе претставува директна закана за територијата на НАТО, рече тој, додавајќи дека САД нема да ја повторат грешката да се повлечат од Европа како по Првата светска војна.

Изјавата на шефот на НАТО дојде во време на зголемена загриженост кај европските сојузници за потенцијалното враќање на Трамп во Белата куќа.

За време на неговото претседателствување, Трамп јавно ги критикуваше европските сојузници во НАТО дека не ја исполнија целта на алијансата за трошоци за одбрана од 2% од БДП. Трамп тврдеше дека САД носат неправеден товар на трошоците на НАТО и се закани дека ќе се повлече од алијансата доколку другите членки не го зголемат својот придонес.

Неговиот став ги затегна односите со европските водачи и покрена прашања за иднината на посветеноста на САД кон трансатлантската безбедност.

TRT Balkan / агенции
Популарни