Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска предупреди дека победата на Русија во војната во Украина не само што ќе ја загрози Европа, туку и САД.
„Доколку Русија победи во Украина, ќе добиевме зајакната Русија на нашата граница, која добила копнена маса, ја стекнала огромната одбранбена моќ на Украина, но и генијалноста на украинскиот народ. Затоа, тоа не би било закана само за Европа, европскиот дел на НАТО, туку и за САД“, рече Руте пред почетокот на Петтиот самит на Европската политичка заедница во Будимпешта.
Руте, исто така, рече дека воените напори на Русија против Украина се силно поддржани од Кина, Иран и Северна Кореја.
„Русија мора да плати за оваа поддршка, а една од работите што ја прават е испорака на технологија во Северна Кореја, која сега го загрозува копното на САД, континентална Европа и нашите партнери во Индо-Пацификот. Јапонија, на пример, и Јужна Кореја“, рече Руте.
Тој ја нагласи потребата европските членки на НАТО да инвестираат повеќе во одбраната и да ја зајакнат соработката со САД.
Откако беше објавено дека Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД, европските лидери нагласија дека Европа мора да стори повеќе сама, бидејќи Трамп го критикуваше НАТО, најави можно повлекување на САД и исто така ја критикуваше американската воена поддршка за Украина.