САД: Бајден и Трамп ја одржаа првата, хаотична, претседателска дебата / Photo: AA

Американскиот претседател Џо Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп синоќа ја одржаа првата претседателска дебата, која беше обележана со лични напади и невистини.

Бајден се бореше да го одржи текот на мислите во нерамномерниот дебатен настап, а Трамп енергично изговараше голем број невистини додека избегнуваше конкретни одговори на прашањата на модераторот. И двајцата, сепак, се обидоа да им ги пренесат на гласачите сосема различните пристапи што би ги имале доколку освојат втор мандат.

Бајден го прикажа Трамп како корисен за американската богата елита, велејќи дека додека бил претседател тој ги „наградувал богатите“, наведувајќи го како пример „најголемото намалување на даноците во американската историја“ за кое рече дека значително го влошило националниот дефицит.

„Тој е единствен претседател, освен Херберт Хувер, кој изгуби повеќе работни места отколку што имаше кога започна“, нагласи Бајден.

Бајден, исто така, изнесе лажно тврдење дека тој е единствен претседател за време на чиј мандат „ниту еден војник не е убиен никаде во светот“. Три американски воени лица беа убиени во Јордан во јануари кога самоубиствено беспилотно летало лансирано од полициите поддржани од Иран нападна воена база во близина на сириската граница. Уште 13 војници загинаа во самоубиствен бомбашки напад во Авганистан за време на хаотичното повлекување на американските сили од земјата со која заврши најдолгата војна на Америка.

Трамп се обиде да го прикаже мандатот на Бајден како „катастрофа“, постојано велејќи дека „земјата е уништена“, посебно нагласувајќи ја состојбата на американската економија и имиграциските политики на Бајден.

„Живееме во пекол. Ги имаме Палестинците и сите други безредија насекаде“, рече Трамп, очигледно мислејќи на тековните национални протести што избувнаа од почетокот на израелската војна во Газа и материјалната поддршка на САД за Израел.

Во еден од многуте необични моменти што ја дефинираа пресметката синоќа, Трамп се обиде да го окарактеризира Бајден како „Палестинец“, велејќи дека претседателот го спречува Израел да ги постигне своите воени цели во разорениот Појас Газа.

„Што се однесува до Израел и Хамас, Израел е тој што сака да продолжи тоа. Тој рече дека единствен што сака да продолжи е Хамас. Всушност, Израел е тој и треба да му се дозволи да ја заврши работата. Не сака да го направи тоа, тој стана како Палестинец, но не го сакаат затоа што е многу лош Палестинец“, рече Трамп.

Запрашан дали ќе поддржи независна палестинска држава, Трамп рече:

„Треба да видам.“

AA
Популарни