Министерот за одбрана на САД, Лојд Остин, вчера изјави дека му рекол на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу дека САД ќе продолжат да летаат и да оперираат секаде каде што дозволува меѓународното право.
„Важно е големите сили да бидат модел на транспарентност и комуникација. На Русија е да управува со своите воени авиони на безбеден и професионален начин“, изјави Остин за новинарите во Пентагон по разговорот со Шојгу за инцидентот во вторникот во кој американското беспилотно летало падна во Црно Море.
Европската команда на САД соопшти дека инцидентот се случил откако два руски авиона „СУ-27“ „извршиле небезбедно и непрофесионално пресретнување“ на „Рипер“, вклучително и истурање гориво врз беспилотното летало и летање пред него „на непромислен, еколошки неисправен и непрофесионален начин“.
Беспилотното летало вршело извидување кога еден од авионите „СУ-27“ удрил во пропелерот на „MQ-9 Reaper“, што ги натерало операторите на беспилотното летало да го урнат во меѓународни води.
Мислењето на Остин го повтори и Марк Мили, началникот на Здружениот генералштаб на американската војска, кој тврдеше дека Вашингтон „не бара вооружен конфликт со Русија“, нагласувајќи ја потребата од истрага за инцидентот.
„Ќе продолжиме да ги остваруваме нашите права во меѓународниот воздушен простор“, рече тој, додавајќи дека имал закажан телефонски разговор со началникот на рускиот Генералштаб, генерал Валериј Герасимов.
Мили рече дека САД знаат дека пресретнувањето на американското беспилотно летало било намерно, но официјално не утврдиле дали рускиот борбен авион „СУ-27“ намерно удрил во „MQ-9 Reaper“.
Русија негираше дека нејзиниот авион се судрил со американско беспилотно летало.