САД ги известиле израелските власти дека одлучиле да покренат сопствена истрага за убиството на палестинската американска новинарка Ширин Абу Аклех.
Повикувајќи се на израелски извори, американската веб-страница Аксиос објави дека Министерството за правда на САД го информирало израелското Министерство за правда дека ФБИ отворила истрага за смртта на Абу Аклех.
Абу Аклех (51), палестинско-американска новинарка, беше убиена на 11 мај, а палестинското Министерство за здравство соопшти дека била застрелана во главата додека известувала за напад на израелската војска во градот Џенин на Западниот Брег.
Неколку водечки медиумски агенции, вклучувајќи ги Ал Џезира, Си-Ен-Ен, Асошиетед прес, Вашингтон пост и Њујорк Тајмс, спроведоа свои истраги. Сите завршија со заклучокот дека Абу Аклех е убиена од израелски куршум.
Израелскиот министер за одбрана во заминување Бени Ганц изјави дека одлуката на САД да спроведе истрага за смртта на Абу Аклех „е грешка“.
„Израелските одбранбени сили (ИДФ) спроведоа професионална, независна истрага, која им беше претставена на американските претставници со кои беа споделени деталите“, напиша Ганц на Твитер.
„Испратив порака до американските претставници дека стоиме покрај војниците на ИДФ, дека нема да соработуваме со надворешна истрага и нема да овозможиме интервенција во внатрешните истраги“, додаде тој.
Во септември, израелската армија соопшти дека Абу Аклех најверојатно била убиена од „погрешен“ истрел од израелски војник.