Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави (САД) ќе ги започнат своите големи заеднички воени вежби следната недела поради тековните тензии на Корејскиот полуостров.
Воените вежби може дополнително да ја зголемат тензијата во регионот бидејќи минатата година Северна Кореја изврши неколку ракетни тестови откако САД и Јужна Кореја одржаа годишни заеднички воени вежби.
Вашингтон и Сеул треба да ги започнат годишните воени вежби следниот понеделник, кои ќе траат до 1 септември, објави новинската агенција Јонхап, цитирајќи ја изјавата на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја.
„Овие редовни годишни вежби се ориентирани кон одбрана по природа и имаат за цел зајакнување на заедничката борбена готовност на сојузниците“, се наведува во изјавата на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја.
Според објавените информации, оваа година, двата сојузници, планираат да спроведат и сет на теренска обука, вклучително и вежби за гаѓање.
Минатата година, Северна Кореја силно ги критикуваше воените вежби и како реакција изврши неколку ракетни тестови.
Претходно оваа недела, силите на САД, Јужна Кореја и Јапонија, исто така, одржаа трилатерална вежба за ракетна одбрана во водите во близина на Хаваи.
На 10 август, јужнокорејскиот министер за одбрана Ли Јонг-суп им нареди на своите сили да бидат подготвени за каква било провокација од Северна Кореја за време на заедничките вежби со САД.
Минатиот месец севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја предупреди Јужна Кореја дека ќе биде „избришана“ доколку Сеул преземе каков било воен потег против Северот.
„Ваков опасен обид веднаш ќе биде казнет од моќните сили, а администрацијата на Јун Сеок-Јол и неговата војска ќе бидат избришани“, рече Ким обраќајќи се на настан во главниот град Пјонгјанг.
Тензиите на полуостровот се зголемија во 2020 година кога Северна Кореја ја нападна и ја разнесе меѓукорејската канцеларија за врски долж границата.
Дополнително зголемување на тензиите дојде минатата година кога и Сеул и Пјонгјанг ги интензивираа вежбите за да ја покажат својата воена моќ.
Во јуни, САД, Јужна Кореја и Јапонија објавија планови за зајакнување на безбедносните врски и се согласија заеднички да се спротивстават на заканите од Северна Кореја доколку Пјонгјанг изврши уште еден нуклеарен тест.
САД и Јужна Кореја доставија неколку понуди за дијалог до Северна Кореја за да се намалат сегашните тензии на полуостровот, но Северна Кореја не одговори.