Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера изјави дека администрацијата на Трамп им дава време на арапските држави да претстават одржлив предлог за иднината на Газа по војната, но засега „единствен план е планот на Трамп“.
Говорејќи во емисијата „Клеј Тревис и Бак Секстон“ , Рубио истакна дека иако изгледа дека прекинот на огнот се одржува, клучното прашање останува: „Во еден момент мора да се утврди што ќе се случи со Газа?“
Според официјалното соопштение од Стејт департментот, тој ги критикуваше арапските држави за тоа што изразуваат поддршка за Палестинците, но не преземаат конкретни чекори.
„Ниту една од нив не сака да прифати Палестинци ниту, пак, има историја на преземање каква било одговорност за Газа“, рече Рубио.
Претседателот Доналд Трамп повеќепати повика на преземање контрола врз Газа и преселување на Палестинците во соседните земји по војната на Израел, со цел да изгради нешто што го нарекува „ривиера на Блискиот Исток“.
Неговиот предлог беше жестоко осуден од Палестинците, арапските држави и многу земји низ светот, вклучително и Канада, Франција, Германија и Обединетото Кралство.
Напори за алтернативен план за Газа
Рубио, исто така, потврди дека регионалните лидери ќе се состанат во Саудиска Арабија наредните недели за да направат алтернативен план.
Тој рече дека САД ќе го разгледаат нивниот предлог, но предупреди дека секој план „што ќе го остави Хамас во Газа ќе биде проблем бидејќи Израел нема да го толерира тоа“.
Државниот секретар ја исклучи можноста за американска воена интервенција за отстранување на Хамас од Газа, нагласувајќи: „Некој мора да се соочи со тие луѓе. Кој ќе биде тоа? Тоа нема да бидат американските војници.“
Тој додаде дека доколку регионалните актери не преземат акција, „тогаш Израел ќе мора да го стори тоа, а потоа повторно ќе бидеме каде што бевме“.
Рубио потврди дека ќе патува во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Израел за да разговара за ова прашање, по претходните разговори со Египет и Јордан.
„Се надеваме дека ќе имаат навистина добар план што ќе му го претстават на претседателот“, рече тој. „Дотогаш“, тој повтори: „единствен план е планот на Трамп.“