Пет израелски воени единици се одговорни за сериозно кршење на човековите права во инцидентите надвор од Газа пред избувнувањето на конфликтот меѓу Израел и Хамас во октомври, соопшти денеска Стејт департментот.
Но заменик-портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател рече дека тоа нема да влијае на продажбата на оружје од САД на тие единици.
Тој одби да даде детали за тоа кои човекови права биле прекршени, кои единици биле вклучени во инцидентите и што тие потоа направиле во врска со тоа.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен претходно овој месец рече дека донел „одлуки“ во врска со наводите дека Израел прекршил серија американски закони кои забрануваат воена помош на поединци или ентитети одговорни за грубо кршење на човековите права и не се изведени пред лицето на правдата.
Извор запознаен со случајот изјави за Ројтерс во петокот дека САД добиле нови информации од израелските власти за одредена единица на израелските одбранбени сили (ИД) која Вашингтон, наводно, има намера да ја именува одговорна за наводните прекршувања на човековите права на Западниот Брег.
Во светлината на новите информации, Вашингтон испитува дали се спроведуваат мерки за корекција на таквото однесување, рече изворот.
Станува збор за баталјонот Нецах Јехуда, е формирана во 1999 година и е составена од ултраортодоксни Евреи.