Технолошкиот гигант Гугл мора да плати 4,12 милијарди евра парична казна на Европската Унија

Интернет гигантот „Гугл“ во вторникот почна маратонска правна битка пред федералниот суд, каде што се соочува со обвинувања од американската влада дека постапил незаконски за да стане водечки пребарувач во светот.

Во текот на десет недели, со повеќе од 100 сведоци, „Гугл“ ќе се обиде да го убеди судијата Амит П. Мехта дека големата правна постапка иницирана од Министерството за правда е без основа.

Судењето во судницата во Вашингтон е најголемиот анти-монополски случај на САД против голема технолошка компанија откако Министерството за правда пред повеќе од две децении го обвини Мајкрософт поради доминацијата на неговиот оперативен систем „Виндоус“ (Windows).

Случајот на „Гугл“ се заснова на тврдењето на владата дека технолошкиот гигант неправедно остварил доминација на својот интернет пребарувач склучувајќи ексклузивни договори со производители на мобилни уреди, телекомуникациски оператори и други компании кои ги оставиле конкурентите без можност да се натпреваруваат.

Плаќајќи милијарди долари годишно на „Епл“ и на други компании, „Гугл“ го обезбеди својот статус на стандарден пребарувач на телефоните и веб-прелистувачите, а наводно ги задушувал новите компании пред воопшто да имаат шанса да се развиваат.

Таа доминација ја направи „Алфабет“, холдинг-компанијата која е сопственик на „Гугл“, една од најбогатите компании во светот, на која рекламите при пребарување ѝ генерираат 60 отсто од нејзиниот приход, што е многу повеќе од другите активности на компанијата, како што се „ЈуТјуб“ или уредите со оперативниот систем Андроид.

„Гугл пред две децении стана миленик на Силиконската долина како мала развојна компанија со иновативен начин за пребарување на Интернет кој тогаш беше во зародиш. Тој Гугл одамна го нема“, се вели во тужбата на Министерството за правда.

Десетици американски држави, предводени од Колорадо, исто така се приклучија на правната битка, иако судијата Мехта отфрли некои од нивните аргументи дека Гугл незаконски ги рангирал пониско во резултатите од пребарувањето веб-страниците како Јелп и Експедиа.

Деведесет проценти удел на пазарот

Најголемата наводна жртва во случајот се конкурентните пребарувачи, кои допрва треба да го достигнат пазарниот удел на Гугл, како што се Бинг на Мајкрософт или пребарувачот „ДакДакГоу“.

„Гугл“ останува најкористениот пребарувач во светот, со 90 отсто удел на пазарот во Соединетите Американски Држави и ширум светот, од кој голем дел доаѓа од неговата употреба на уредите

„Ајфон“ на „Епл“ и телефоните со Андроид во сопственост на „Гугл“.

Компанијата ќе се брани од обвиненијата со тезата дека причината за нејзиниот успех е неспорниот квалитет на нејзиниот пребарувач, кој е подобар од конкуренцијата откако основачите на компанијата, Сергеј Брин и Лери Пејџ, го лансираа во 1998 година.

„Накратко, луѓето не го користат Гугл затоа што мораат, туку затоа што сакаат“, рече претседателот на глобалните операции на Гигл, Кент Вокер на блог.

Пресудата на судијата Мехта се очекува да биде многу месеци по рочиштата кои че траат околу десет недели.

Тој може да го отфрли случајот или да нареди драстични корективни мерки, како што е разделување на активностите на Гугл или реорганизирање на неговиот сегашен начин на водење бизнис.

Без разлика на исходот, една од страните речиси сигурно ќе се жали на пресудата, што може да го одолговлекува случајот со години.

Случајот на Вашингтон против Мајкрософт започна во 1998 година и заврши со спогодба во 2001 година, откако со жалба беше поништена пресудата дека компанијата мора да се подели.

По Трамп, Бајден го презеде процесот

Американската влада ја започна својата постапка против „Гугл“ кога Доналд Трамп беше претседател, а тужбата продолжи и откако Џо Бајден ја презеде функцијата.

Бајден, исто така, ја нагласи важноста од предизвикување на технолошките гиганти и ги назначи нивните истакнати критичари на клучни позиции, но досега не постигна значителни резултати.

Министерството за правда во администрацијата на Бајден во јануари поднесе посебна тужба против „Гугл“ поради неговите рекламни активности, а судењето може да започне следната година.

Компанијата, исто така, се соочува со голем број различни тужби од американските држави кои ја обвинуваат за злоупотреба на монополот за рекламна технологија и блокирање на конкуренцијата во нејзината продавница за мобилни апликации „Гугл Плеј“.

TRT Balkan / агенции
Популарни