На Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес (UCLA) доцна синоќа избувнаа насилни судири во пропалестинскиот камп во универзитетскиот кампус, кои траеја повеќе од 90 минути до раните утрински часови.
Според Еј-би-си 7 Ајвитнес њуз (ABC7 Ewitness News), судирите, во кои тепачките ескалирале и барикадите се користени како оружје, започнале нешто пред 23 часот по локално време кога група контрадемонстранти го опколиле пропалестинскиот камп во кампусот.
Врз кампот бил фрлан пиротехнички материјал, а бројот на повредени засега е непознат.
Како одговор на случувањата, полицијата на кампусот за Ајвитнес њуз потврдила дека реагирала на местото на настанот.
„Вечерва во кампот се случи ужасно насилство и веднаш ги повикавме органите на редот. Противпожарната служба и медицинскиот персонал се на местото. Смачено ни е од ова бесмислено насилство, и тоа мора да сопре“, истакна Мери Осако, заменик ректорката за стратешки комуникации на Универзитетот Калифорнија.
Градоначалничката Карен Бас разговарала со ректорот на универзитетот, Џин Блок, и привремениот шеф на полицијата на Лос Анџелес, Доминик Чои.
„Полицијата веднаш реагираше на барањето на ректорот Блок за поддршка во кампусот“, напиша портпаролот Зак Сеидл на социјалните мрежи.