Доналд Трамп е прогласен од њујоршката порота за виновен по сите 34 обвиненија поврзани со неговото судење за плаќањето за замолчување на ѕвезда на филмови за возрасни, со што е првиот поранешен претседател на Соединетите Американски Држави (САД) што е осуден за кривично дело.
Дванаесетчлената порота ја донесе својата пресуда по два дена размислување, прогласувајќи го Трамп за виновен за прикривање на 130.000 долари исплата на ѕвездата на филмови за возрасни Сторми Даниелс за да спречи нејзината приказна за нивната наводна афера да биде објавена за време на претседателските избори во 2016 година, наведувајќи го тоа како деловен трошок.
По излегувањето од судницата Трамп рече дека е невин.
„Ние не направивме ништо погрешно“, им рече тој на новинарите. „Јас сум многу невин човек.“
Иако адвокатскиот тим на Трамп официјално не објави дека ќе поднесе жалба, поранешниот претседател укажа на својот следен чекор.
„Ќе продолжиме да се бориме. Ќе се бориме докрај и ќе победиме, инаку нашата земја отиде во пеколот“, рече тој. „Ќе се бориме за нашиот Устав. Ова е далеку од завршено.“
Трамп, исто така, го обвини Џо Бајден за неговиот правен хаос, наведувајќи неосновани тврдења против актуелниот американски претседател, со кој ќе се соочи во реваншот за време на општите избори во ноември.
„Целата наша земја е наместена во моментов“, рече Трамп. „Ова е направено од администрацијата на Бајден со цел да се рани или повреди противник, политички противник.“
Бајден објави едноставна порака на Х во врска со претстојните избори.
„Има само еден начин да го задржите Доналд Трамп надвор од Овалната соба: Со гласачката кутија“, напиша тој.
Трамп продолжи да го изразува својот презир за пресудата на социјалните мрежи.
„Моите граѓански права се целосно повредени со овој високо политички, неуставен и со ова мешање во изборите со лов на вештери“, објави тој на својата платформа Чрут сошал (Truth Social).
„Инструкциите до поротата дадени од високо конфликтираниот судија Хуан Мерчан беа неправедни, лажни, неточни и неуставни.“
Сега кога е прогласен за виновен, Трамп мора да ги убеди Американците дека заслужува втор мандат во Белата куќа. Претседателските избори во 2024 година ќе се одржат на 5 ноември.
Казната за Трамп е закажана за 11 јули, само неколку дена пред официјално да биде номиниран за претседателски кандидат на неговата партија за време на националната конвенција на републиканците што ќе се одржи во Милвоки, Висконсин, од 15 до 18 јули.
Бајден официјално ќе биде номиниран за претседателски кандидат од неговата партија на националната конвенција на демократите што ќе се одржи во Чикаго, Илиноис, од 19 до 22 август.