Убиени се петмина хуманитарци на ВЦК, државјани на САД, Австралија, Полска, Велика Британија и Ирска / Photo: AA

САД во понеделникот изразија жалење поради убиството на хуманитарните работници од американската хуманитарна организација Ворлд Централ Кичен (World Central Kitchen WCK) од страна на Израел во Појасот Газа.

„Срцата ни се скршени и сме длабоко вознемирени од нападот во кој загинаа хуманитарните работници на ВЦК во Газа“, рече портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон на X.

Нејзината изјава дојде откако пет лица кои работеа за хуманитарната организација, беа убиени во израелски воздушен напад врз нивното возило во понеделникот во градот Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа.

Директорот на владината канцеларија за медиуми во Газа рече дека Израел бомбардирал странска екипа која се состои од британски, полски и австралиски државјани и друга националност што сè уште не е идентификувана, покрај Палестинец од Газа.

Фотографиите што се појавија на палестинските профили на социјалните мрежи ги покажаа пасошите на странците кои беа убиени во воздушниот напад, вклучително и од Австралија, Полска и Велика Британија, како и мртви тела со маици на ВЦК.

„Хуманитарните работници мора да бидат заштитени бидејќи испорачуваат помош која е очајно потребна, а ние го повикуваме Израел брзо да истражи што се случило“, додаде Вотсон.

ВЦК потврди дека нејзините членови биле убиени во напад на израелската армија додека работеле на поддршка на хуманитарните напори за испорака на храна во Газа, велејќи: „Ова е трагедија. Работниците на хуманитарната помош и цивилите НИКОГАШ не треба да бидат цел. НИКОГАШ“.

Основачот на ВЦК, Хозе Андрес, рече дека организацијата изгубила „неколку наши сестри и браќа“ во израелски воздушен напад во Газа.

„Срцето ми е скршено и тагувам со нивните семејства и пријатели и целото наше семејство на ВЦК. Тоа се луѓе...ангели... служевме заедно во Украина, Газа, Туркије, Мароко, Бахамите, Индонезија. Тие не се безлични… не се безимени, “, рече Андрес на X.

„Израелската влада треба да го запре ова неселективно убиство. Треба да престане да ја ограничува хуманитарната помош, да престане да убива цивили и хуманитарни работници и да престане да ја користи храната како оружје. Нема повеќе изгубени невини животи. Мирот започнува со нашата заедничка хуманост. Треба да започне сега“, додаде тој.

Во меѓувреме, израелската војска соопшти дека спроведува темелна проверка на највисоките нивоа за да се разберат околностите на „трагичниот“ инцидент.

Израел спроведува смртоносна воена офанзива на Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.

Над 32.800 Палестинци оттогаш се убиени, а 75.300 други се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни работи.

Израелската војна турна 85 отсто од населението на Газа во внатрешно раселување поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според ОН.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во четвртокот побара од него да стори повеќе за да спречи глад во Газа.

AA
Популарни