Саудиска Арабија денеска објави дека нема да воспостави дипломатски односи со Израел без формирање на палестинска држава, порака што дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Ријад не бара палестинска држава.
Во соопштението на саудиското Министерство за надворешни работи се вели дека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман ја потврдил позицијата на земјата на „јасен и експлицитен начин“, кој не дозволува никакво толкување под никакви околности, пренесе Ројтерс.
Саудиска Арабија, исто така, отфрла какви било обиди за раселување на Палестинците од нивната земја, се вели во соопштението, додавајќи дека позицијата на Ријад кон Палестинците не е предмет на преговори.
Трамп претходно изјави дека Соединетите Држави ќе го „преземат“ Појасот Газа, опишувајќи ја неговата визија за областа како нова „ривиера на Блискиот Исток“.
Американскиот претседател, исто така, рече дека разговарал со други лидери на Блискиот Исток за неговиот предлог за преселување на Палестинците од Газа и рече дека на другите регионални лидери им се допаѓа идејата, која Палестинците претходно ја отфрлија.
Трамп ова го изјави на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој беше во посета на Вашингтон.
Во 2020 година, четири арапски земји - Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан - го признаа Израел според серија договори наречени Абрахамски договори, со посредство на САД, со што го оставија настрана долгогодишното арапско барање за формирање на палестинска држава.
Оттогаш, американската администрација се обидува да ја охрабри Саудиска Арабија, која се смета за лидер во муслиманскиот свет, да го следи примерот, да ги нормализира односите со Израел и да ја признае земјата, до почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.