Организацијата Светска централна кујна (World Central Kitchen-WCK) во четвртокот повика на независна истрага за овонеделниот израелски напад во Појасот Газа во кој беа убиени седум нивни хуманитарни работници.
„Побаравме од владите на Австралија, Канада, Соединетите Американски Држави, Полска и Обединетото Кралство да ни се придружат во барањето независна истрага oд трета страна за овие напади, вклучително и дали тие биле извршени намерно или на друг начин е прекршено меѓународното право,“ се наведува во соопштението на добротворната организација која обезбедува оброци за заедниците во катастрофи и воени зони.
Oрганизацијата во средата, наводно, побарала од израелската влада веднаш да ги зачува сите документи, комуникации, видео и аудио снимки или кој било друг материјал потенцијално релевантен за нападот на 1 април.
„Сите три возила превезуваа цивили. Тие беа означени како возила на СЦК и нивните движења беа целосно координирани со израелските власти, кои беа свесни за нивното патување, рута и хуманитарна мисија“, се вели во соопштението.
Непрофитната организација со седиште во САД рече дека независната истрага е „единствениот начин да се утврди вистината за она што се случило, да се обезбеди транспарентност и одговорност за одговорните и да се спречат идни напади врз хуманитарните работници“.
Работниците кои загинаа во израелскиот напад се државјани на Австралија, Полска, Велика Британија и Палестина, како и двоен државјанин на САД и Канада.
Организацијата соопшти дека и покрај координирањето на движењето со израелската армија, конвојот бил погоден додека го напуштал својот магацин во јужниот град Деир ал-Балах, каде што тимот дистрибуирал повеќе од 100 тони хуманитарна прехранбена помош донесена во Газа по море.
Израел започна офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Оттогаш се убиени најмалку 32.916 Палестинци, а 75.494 се ранети.