Светската централна кујна (Ворлд Централ Кичен- ВЦК) во вторникот потврди дека седуммина нејзини хуманитарни работници биле убиени во израелски напад во понеделникот во Појасот Газа.
„Тимот на ВЦК отпатува до зоната без конфликт со два оклопни автомобили означени со логото на ВЦК“, рекоа од организацијата.
И покрај координацијата на движењето со израелската армија, тие посочија дека конвојот бил погоден при напуштање на складиштето Деир ал Балах, каде истовариле повеќе од 100 тони храна од хуманитарната помош која по морски пат била донесена во Газа.
„Ова не е само напад на ВЦК, ова е напад врз хуманитарните организации кои работат во најтешките ситуации кога храната се користи како оружје за војна. Ова е неоправдано“, рече извршната директорка на ВЦК, Ерин Гор.
Седуммина загинати се од Австралија, Полска, Обединетото Кралство, Палестина и двојни државјани на САД и Канада.
„Срцето ми е скршено и згрозено што ние- Светската централна кујна и светот загубивме животи денес во целен напад на ИД“, рече Гор.
ВЦК објави дека „веднаш“ ги прекинува операциите во регионот.
„Наскоро ќе донесеме одлука за иднината на нашата работа“, изјавија тие.
Во меѓувреме, израелската армија соопшти дека спроведува темелна проверка на највисоките нивоа за да се истражат околностите на „трагичниот“ инцидент.
САД во понеделникот изразија жалење за убиството на хуманитарните работници на хуманитарна организација со седиште во САД.
Портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа Адриен Вотсон го повика Израел „брзо“ да истражи што се случило.
Австралискиот премиер во вторникот побара одговорност од Израел за убиството на австралиски хуманитарен работник во Појасот Газа.
„Австралија очекува целосна одговорност за смртта на хуманитарните работници, што е целосно неприфатливо“, изјави Ентони Албанес за новинарите.
Во израелските геноцидни напади врз Појасот Газа од 7 октомври досега се убиени 32.845 Палестинци, меѓу кои најмалку 14.280 деца и 9.340 жени, а 75.392 се ранети.
Голем дел од Појасот Газа е уништен откако Израел, обвинет за геноцид, ја започна војната во октомври минатата година по прекуграничен напад на Хамас. Неколку месеци израелските сили непромислено уништуваа згради и цели населби, уништувајќи 60 отсто од инфраструктурата на палестинската енклава.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) укажа на дополнителни привремени мерки, вклучително и „непречено обезбедување“ помош за Појасот Газа, во тековната постапка за геноцид против Израел на барање на Јужноафриканската Република.