Иранската Револуционерна гарда објави дека во израелски напад на нејзиното дипломатско претставништво во Дамаск, главниот град на Сирија, се убиени седум лица, од кои двајца генерали, известува Анадолу.
Војската на Револуционерна гарда издаде соопштение по повод израелскиот напад на зградата на иранскиот конзулат во Дамаск.
Во соопштението се наведува дека Израел извршил ракетен напад на зградата на конзулатот во комплексот на амбасадата на Иран во Дамаск и дека во нападот животите ги загубиле бригадниот генерал Мохамед Реза Захиди и бригадниот генерал Мохамед Хади Хаџ Рахими и петмина други службеници.
Иранските медиуми објавија дека Израел извршил воздушен напад на зградата на конзулатот во комплексот на иранската амбасадата во Дамаск и дека во нападот загинале најмалку пет лица, вклучително и бригадниот генерал Мохамед Реза Захиди.
Хусеин Акбари, амбасадорот на Иран во Дамаск, објави дека Израел ја гранатирал зградата на конзулатот во Дамаск со шест проектили испукани од воени авиони Ф-35.
Акбари рече дека неговата земја ќе одговори „брзо, директно и силно“ на израелскиот напад.
Израел, кој во последните месеци повеќепати изврши воздушни напади на ирански цели во Сирија, засега не ја презеде одговорноста за нападот.