Северна Кореја предупреди на „трајни, одлучни и надмоќни“ воени мерки како одговор на заедничките воени вежби на Соединетите Американски Држави (САД) и Јужна Кореја.
Севернокорејската војска соопшти дека од 2 до 5 ноември извела четиридневни воени операции, за да „демонстрира темелна и одлучна волја против тешката ситуација“ во регионот.
„Сериозна ситуација настана на Корејскиот полуостров поради безобѕирното воено лудило на САД и Јужна Кореја која станува понестабилна“, се наведува во соопштението на Корејската народна армија која ја објави државната новинска агенција.
Пјонгјанг ги критикуваше неодамнешните шестдневни заеднички воени вежби на САД и Јужна Кореја и порача дека нивните „агресивни воени вежби се неопростливи дела кои не можат да се занемарат.“
„Тоа, всушност, е отворен провокативен чин на намерно заострување на тензиите во регионот, а особено е опасна воена вежба со многу силен агресивен карактер насочена директно врз нашата држава“, соопшти војската.
Во текот на четиридневните воени операции, Пјонгјанг соопшти дека лансирал четири тактички балистички ракети во Западно море и 23 ракети земја-воздух.