Израелската армија зад себе остави големи разурнувања при повлекувањето од некои населби во северниот дел на Појасот Газа.
Екипата на Анадолу ја сними најновата ситуација во подрачјето на Сафтави, Абу Шар, Фалуџа и Џабалија. Населбите се во урнатини.
Уништени се стотици куќи, а на голем број е предизвикана значителна материјална штета.
Отпадните води течат по улиците каде што има големо количество ѓубре и урнатини.
Постои опасност од здравствена и еколошка катастрофа.
Жителите на населбите, кои речиси се претворени во места на духови, доаѓаат до она што останало од нивните домови по повлекувањето на израелската армија.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во понеделникот изјави дека копнената операција со висок интензитет во северниот дел на Појасот Газа е завршена.
„Наскоро ќе заврши на југот на Појасот Газа“, рече Галант, без да даде точна временска рамка.
Галант додаде дека израелските сили ќе продолжат со операции со низок интензитет во северниот дел на Појасот Газа, каде што работат на лоцирање на преостанатите позиции на Хамас во областа.
Според последните информации, од 7 октомври досега во израелските напади врз Појасот Газа загинати се најмалку 24.448 Палестинци, а 61.504 се повредени.
Според податоците на ОН, 85 отсто од населението во Газа веќе е внатрешно раселено поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата е оштетена или уништена.