Шентоп од Загреб порача дека анексијата на Крим нема никогаш да ја признаат     Фото: AA

Туркије никогаш нема да ја признае руската анексија на Крим, изјави Мустафа Шентоп претседателот на турскиот Парламент.

„Туркије не ја призна и нема да ја признае анексијата на Крим. Ќе продолжи да ги поддржува Украина и кримските Татари и на билатерални и на мултилатерални платформи“, рече Мустафа Шентоп во хрватската престолнина Загреб, мислејќи на турската група која претрпе угнетувања по нелегалната анексија на Крим од страна на Русија во 2014 година. Многу набљудувачи ја нарекуваат анексијата вовед во актуелната руска војна против Украина.

Во говорот на Првиот парламентарен самит на Кримската платформа, Шентоп истакна дека Крим е татковина на кримските Татар-Турци. Тој рече дека Туркије ќе продолжи да ги поддржува Украина и кримските Татари и на билатерални и на мултилатерални платформи.

„Покрај стратешки, историски и економски димензии, ова прашање е исто така важно за нас во овој поглед. Затоа што, како и сите други луѓе, кримските Татари заслужуваат да живеат слободно и безбедно во својата татковина“, рече тој.

Платформата за Крим е консултативен и координативен формат инициран од украинскиот претседател Владимир Зеленски за брзо завршување на окупацијата на Крим и за зголемување на притисокот врз Русија.

„Верувам дека оперативниот дел од парламентарниот дел на Кримската платформа со овој самит ќе ја зајакне пораката што сакаме да ја пренесеме за прашањето на Крим и ќе ги зајакне нашите напори, и благодарам на Хрватска што беше домаќин“, рече Шентоп.

Шентоп додаде дека како и Крим, Туркије, исто така, не ја признава руската анексија минатиот месец на Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, потег што наиде на широка меѓународна осуда.

Откако го презеде во 2014 година, Москва го претвори Кримскиот Полуостров, кој е дом на околу 350.000 Татари, во голема руска воена база со распоредување на вооружени системи, како и 150.000 војници.

Туркије, ЕУ и САД, како и Генералното собрание на ОН, сметаат дека анексијата е нелегална.

Оттогаш, етничките Татари на Крим се соочуваат со „систематска кампања за угнетување и заплашување“, според зборовите на турското Министерство за надворешни работи, вклучително и забрана на Меџлис нивното претставничко тело, рации во домови и масовни притворања и сузбивање на правото на собирање и протести како и слободата на изразување.

Зеленски: На Украина и е потребна воена поддршка

„Ни требаат три работи: воена поддршка, санкции против Русија и територијален интегритет. Помогнете ни за овие. Крим треба да се врати во нормален живот“, рече Зеленски за време на состанокот.

Тој додаде дека сè започна со руската анексија на Крим во 2014 година.

„Русите се противат на верските слободи и вршат религиозно и етничко чистење. Ако сте малцинство, вие сте виновни. Луѓето се обидуваат вака да живеат девет години. Украинското знаме што се вее на Крим е еквивалентно на враќање во нормала. “, рече Зеленски.

Пелоси: Ова е кампања на страв

Ненси Пелоси, претседателката на Претставничкиот дом на САД, рече дека Русија ги крши човековите права на територијата на Украина на Крим.

„Ова е напад врз демократијата. Осум месеци без никаква причина има напад врз Украина. Ова е кампања на страв. Војници убиваат луѓе на патиштата“, рече Пелоси на форумот.

Хрватска е домаќин на првиот Парламентарен самит за Кримската платформа бидејќи Украина е во воена состојба.

На самитот, покрај Туркије, учествуваат над 45 земји, меѓу кои Австрија, Белгија, Германија, Ирска, Норвешка, Црна Гора, Полска, Словенија, Романија, Шведска и Швајцарија, како и претставници на НАТО и на Европската унија.

AA
Популарни