Мнозинството раселени Палестинци во Газа се принудени да живеат во импровизирани шатори поради тешките уништувања предизвикани од израелските бомбардирања и гранатирања / Photo: AA

Последнава недела до смрт измрзнаа шест бебиња во Појасот Газа, каде што Израел продолжува со бруталните напади од 7 октомври 2023 година и речиси го принуди да се расели целото население.

Канцеларијата за медиуми на палестинската Влада во Газа објави дека бебето по име Али ал-Батран, кое беше принудно раселено од Израел и живееше во шатор во Појасот Газа, починало поради студеното време.

Во соопштението се наведува и фактот дека вчера поради силниот студ починал и неговиот близнак, бебето Џума ал-Батран.

Со смртта на бебето Али, бројката на бебиња кои починаа поради студеното време во Појасот Газа последнава недела се зголеми на шест.

Во Појасот Газа со популација од приближно 2,3 милиони жители, Израел го продолжува својот геноцид врз Палестинците од 7 октомври 2023 година.

Според податоците на Обединетите нации (ОН), 9 од секои 10 луѓе во Газа се раселени поради израелските напади.

Мнозинството раселени Палестинци во Газа се принудени да живеат во импровизирани шатори поради тешките уништувања предизвикани од израелските бомбардирања и гранатирања. Меѓутоа, како што времето станува сѐ поладно, условите за живот на Палестинците во Газа стануваат сѐ потешки.

Принудени да престојуваат во импровизирани шатори направени од текстил и најлон, Палестинците со доаѓањето на зимата се обидуваат да преживеат во тешките услови за живот поради недостигот на средства за основни животни потреби како облека, постелнина и ќебиња.

Бебињата кои живеат во импровизирани шатори со своите семејства, со своите мали тела, честопати му подлегнуваат на студеното време.

TRT Balkan / агенции
Популарни